Во текот на вчерашноиот ден започна исплатата на задоцнетите јулски плати во установите од културата, согласно новиот Колективен договор. Но, плати ќе добијат само 1/3 од вработените затоа што кај останатите, раководителите местеле поединци да добијат повисоки плати, согласно новите систематизации на работни места или пак ја грешеле постапката и до сега не ги доставиле документите до Министерството за култура.
Поради вратена систематизација на доработка, над 500 вработени во Националната опера и балет деновиве нема да ги земат платите за јули. И во НУБ „Свети Климент Охридски“ нема плати зашто систематизацијата се уште не е доставена до Министерството.
Министерството за култура на тие установи им ги враќа систематизациите на преработка. Тоа е една од причините да не почне исплатата на задоцнетите јулски плати во сите установи од културата. Директори на дел од установите од културата местеле вработени да добијат повисоки плати со новата систематизација. Од Синдикатот за култура бараат санкции за неодговорните директори.
“Дел од директорите на институциите, не знаеме точно кои институции, кои директори, се обиделе на одредени вработени да им ги подобрат работните места и да ги распоредат на повисоки работни места, со изработката на новата систематизација и новите решенија. Токму заради тоа Министерството за култура ги бара и новите и старите систематизации, за да не се случи истото што се случуваше со нивелацијата за одредени луѓе да фатат подобри позиции и за да земат поголема плата”, вели Гоце Павловски, секретар на синдикатот за култура.
Поради ваквата ситуацијата вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи побара директорите кои не ги завршиле обвските да ги напуштат функциите.
Соодветните раководни лица кои не испорачале тоа што е очекување од граѓаните, јас мислам дека не треба да очекуваат некој да ги смени, туку сами треба да си заминат, тврди вицепремиерот за економски прашања Битиќи.
Новата министерка за култура Ирена Стефоска, на минатонеделната средба со синдикатите рече дека по доставените систематизации и пресметки ќе бидат пуштени и платите за август.