Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи сè уште не поднел Анкетен лист за својата и имотната состојба на најблиските иако според Законот за спречување на корупција анкетен лист треба да се поднесе во рок од 30 дена по изборот/именувањето на функцијата.
Заменик-претседателот на Владата, кој доаѓа од СДСМ, на оваа функција е избран на 30 август. Битиќи не поднел ниту изјава за интереси во која треба да наведе колку и какви бизниси поседува, дали и колку има свои блиски што се вработени во јавниот сектор, дали има судир на интереси и слично.
„Избран или именуван функционер, одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал, при изборот или именувањето, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот или именувањето, пополнува анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот и депонира заверена изјава од нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки“, стои во Законот за спречување на корупција.
Битиќи пред два месеци за прв пат е избран како државен функционер, а претходно извршуваше само партиска функција во СДСМ како претседател на Комисијата за финансии, а беше и советник за економија во Кабинетот на премиерот Зоран Заев.
Премиерот Заев за Битиќи рече дека во Владата доаѓа од бизнисот, како поранешен извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија.