Човештвото се соочува со еден од најголемите предизвици, можеби и најголемиот досега. Нешто невидливо со голо око го стопираше светот, движењето, сообраќајот итн.
пишува: Жаклина ПЕШЕВСКА, пратеник
Нели е парадокс?
Парадокс за човештвото, човекот како највисоко интелектуална индивидуа во овој свет е поразен и ослабен, како никогаш досега. На корона вирусот потклекнаа големи и силни економии и држави, а не остана имуна ни нашата Македонија. Па така од 25-ти февруари сме сведоци на маратонски прес-конференции на Венко, иако многу сметаат дека тие пресови требаше да ги држи пи-ар служба, а министерот како доктор да се вклучеше директно во борбата со Ковид 19.ж
Сведоци бевме на несовесноста на доктори и покрај Хипократовата заклетва и покрај повиците на Светската здравствена организација за самоизолација, дрско фрчеа закани за бркање од работа од страна на несовесна директорка, која патем мораше да скија низ Италија и да се врати во Македонија, како ништо да не било.
Задоцнети се мерките за самоизолација и за карантин на граѓаните во државата, но и за оние кои се враќаа во својата матична држава. Не требаше да се дозволи етикетирање на тие луѓе, бидејќи секој од нас можеше да се најде во таква ситуација, но државата требаше да има навремен механизам и протокол за нив.
Но, оваа влада не можеше да ги контролира и вразуми своите функционери, а не пак да воведе ред во државата.
Додека Светската здравствена организација препорачуваше: тестирајте, тестирајте, тестирајте, кај нас тестовите со астрономски цени, можеби и најскапи во свет.
Бричење на живо- се вели. И не дај Боже да треба да се тестира 4-члено семејство, отприлика 20.000 денари за тестирање ќе треба да плати, во време на намалени примања. Кој ќе преживее, ќе раскажува. Ако преживее, нормално.
А за економијата! Блеснавме во полн сјај!
Се удри по тие што го полнат буџетот, по тие што ја градеа оваа држава, оние кои донирале многу повеќе од вас, оние што имаат далеку помалку од вас.
Се прашуваат луѓето зошто не по џебот на богаташите, туку по џебот на оние што одвај врзуваат крај со крај во месецот, по работниците.
Помислив, овие што се офајдија од Фондот за иновации може ќе пројават желба за донирање, нели во духот на државнички потег, па да ги вратат парите кај граѓаните, бидејќи не се покажаа нешто многу иновативни.
Се доцни и со економските мерки и тоа премногу, бидејќи штетата е веќе огромна. Најтешка е ситуацијата во месец март, кој е изоставен во предложените мерки од Владата. Понатаму слушам за 30 вработени од МакПримат, испуштени од работа. Па тоа е во духот на блескавите економски мерки на оваа влада.
Ама треба да им објасните на работодавците: “Буџетот е лист хартија, а реалните пари ги нема во него”. Работодавците на вработените ќе им го пренесат истото, а вработените што беа пред Заводот за вработување се Априлили.
Наместо навремено смрзнување на кредитите и каматите во банките, се прочита некаква уредба, која доцни бидејќи почнува нов месец, со тоа стигаат нови рати за кредити. Прво ги намалија платите, а дури потоа ги уредуваат давачките на граѓаните. За цело тоа време луѓето живееја во грч и неизвесност. Со сите услови што ги ставија во предложените мерки ќе извисат многу вработени, многу работодавци нема да го издржат товарот и се додека во приватниот бизнис се борат да се задржат вработените, општината Гази Баба ( а не е само таа) се дрзнува да спроведе привремени вработувања за 15 милиони денари. Па нормално, и да помине коронава, избори ќе има и мора да се купат гласови. А дали ќе преживееме, тоа не е важно.
Државни потези до сега направивме ние многу, за разлика од вас. Но, не е време за надмудрување и мерење кој колку направил. Се за доброто на граѓаните и на државата.
Времето ќе покаже дали парите ќе се искористат за тие што се на првите борбени линии во пандемијава, докторите, сестрите, војската, полицијата и сите што го ризикуваат својот живот за спас на туѓи животи. Поклон до земја за вас, најголем респект.
Изгубени во својата самобендисаност, не ги слушате забелешките на опозицијата, на стопанската комори, ниту ги следите примерите на соседните држави.
Господ напомош нека ни е со ваква влада!
Се надевам дека ќе се освестите!
Се обраќам на секој еден од граѓаните, бидете свесни и седете дома, Чувајте се!
До скоро гледање!