Деновиве бевме сведоци на историскиот подвиг на македонските кардиохирурзи. Но, никој дури ни самиот министер, Венко Филипче, кој присуствуваше на настанот, не истакна дека кадрите кои учествуваа во овој подвиг и самиот проект, Државна кардиохирургија, се како резултат на долгогодишна инвестиција од времето на претходната Влада.
пишува: Доктор Маријан МИЛЕНКОВСКИ
Не ни очекувавме таква изјава.
Реалноста надвор од пи-ар машинеријата на министерот Филипче е дека постои константно фаворизирање и упатување за извршување на кардиолошки интервенции во приватните клиники, иако истите интервенции можат да се извршат и во државната кардиохирургија.
Примери за фаворизирање на приватното пред јавното здравство и уништување на се она што претходната влада го остави позади себе има многу. Би го издвоил и ултрамодерниот центар за рано дијагностицирање и лекување на карцином и други заболувања и производство на изотопи, ПЕТ центарот. Инвестиција од претходната Влада во вредност од 16 милиони евра, која наместо да работи во полна пареа и да ги опслужува пациентите, да прозведува и да го снабдува регионот со изотопи, а со тоа и да остварува профит, денес таа институција работи со едвај 10 посто од капацитетот. Па така истата е на добар пат да биде продадена.
Екипите на итната медицинска помош, истите оние кои беа формирани и едуцирани од претходната влада во внатрешноста на државата, денес се на прва линија во борбата со пандемијата. Но, Филипче најави нивна приватизација. Замислете само како ќе беше да беа приватизирани.
Коронарната единица – формирана при интерното оделение во Клинички центар – Штип, со која во моментот раководи кандидатот за пратеник кој е на листата на СДСМ, е истата она која беше формирана и во неа беше целосно инвестирано и во тој ист кандидат на СДСМ, за време на претходната влада. Уште една од многуте успешни приказни на претходната влада во инвестирање во јавното здравство.
Што се однесува до здравствените домови во внатрешноста на Македонија, тие се без потребниот стручен специјалистички кадар, а некои од нив се дури и узурпирани, односно отстапени за проектите – пензионерски домови на Мила Царовска. Сето ова значи систематско уништување на јавното здравство од неговата основа. И сега во овие моменти ја нема Мила, но ги нема ни пензионерските домови. Само отстапен простор на ресорното Министерство за труд и социјала.
Она во што верувам е дека од оваа пандемија научивме дека без јавното здравство неможеме да имаме сериозна здравствена заштита. Доколку се прашувате зошто сме водечки во регионот по бројот на заразени посебно кај медицинскиот персонал и смртност, запрашајте се што е инвестирано овие три години во здравството од оваа влада и овој министер и ќе го добиете вашиот одговор. Запрашајте се во какви услови работат докторите и останатиот медицински и немедицински персонал.
За да се уверите повелете во Клинички центар – Штип, додека стои стопирана изградбата на новиот клинички во Штип, од причини познати само на Филипче.
Ветуваа плати за докторите, прашајте ги докторите која плата ја примаат. Споменуваат плати од 111,377 ден. за доктори специјалисти и 50.376 ден. за сестри со висока стручна спрема и 38.182 ден. за медицински сестри со средна стручна спрема – која лага!
За да примаат плата достојна за еден доктор прашајте ги колку дежурства имаат неделно (оставете ги настрана стресот, уморот од бројните дежурства) за да пациентот добие квалитетна здравствена услуга која со натчовечки напори успеваат да ја дадат овие доктори и медицински персонал.
За платата која ја споменува Филипче дека докторите ја примаат може само да сонуваме со оваа Влада и вакво здравство.
Дали стратегијата на СДСМ и Филипче со македонското здравство е негово систематско уништување и приватизирање на државните здравствени институции во корист на бизнис елитите кои стојат позади некого и и се добро познати на јавноста, за да сега во време на пандемија целиот терет во борбата против овој вирус падне на целокупното јавно здравство и способноста и квалитетот на стручните медицински кадри со кои Македонија располага во моментот.
Партизацијата од страна на оваа Влада и поделбата на подобен и неподобен доктор, докажана со примерот на формирањето на комисијата за заразни болести е пример како работи оваа власт. Наше е само да се чудиме од тоа дали нивните одлуки ќе произлезат од нивната стручност или од нивните желби за брзи избори и спас од поразот кој им следи.