Разрешувањето е по барање на Владата бидејќи смета дека Комисијата не успеала да реши голем дел од предметите. Од Владата сметаат дека бројката на предмети по кои е постапувано не е реална бидејќи во неа не се вметнати предметите по кои не е постапувано.
„Во извештајот од 2016 година е видно дека Комисијата не покажала особени резултати во работењето“, пишува во предлогот на Владата испратен до Собранието.
Членовите и претседателот на Комисијата имаат мандат од 5 години, а може да бидат и повторно избрани. Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен е надлежна за решавање по жалби против решенија донесени во управна постапка во прв степен од страна на министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи.
Таа е надлежна да одлучува и за прашања од областа на работните односи во втор степен (кои не се во надлежност на Агенцијата за администрација), за прашањата од областа на работните односи за државните службеници од Агенцијата за администрација, како и против решенијата на Министерството за внатрешни работи со кои се поништени решенијата за доделување награди.
Начинот на работа и постапката за одлучување пред Државната комисија е уреден со деловник за начинот на работа и постапката за одлучување на Државната комисија.