Македонија 14. ноември 2019. / 14:24

Од дијабетес се заболени 120.000 Македонци, а 40.000 се зависни од инсулин

Од дијабетес се заболени 120.000 Македонци, а 40.000 се зависни од инсулин

Во пораст е бројот на заболени од дијабетес. Од 123.850 пацеиенти со дијабетис, 40.000 примаат инсулинска терапија. Дополнително, податоците од електронскиот систем „МојТермин“ заклучно со 31 декември 2018 година покажуваат дека споредено со претходната година има 3850 ново заболени.

Претседателот на Националната комисија за дијабетес, Ирфан Ахмети, рече дека доминира возрасната група која е работоспособна од 40 до 65 години и таа изнесува повеќе од 50 проценти.

На настанот за одбележување на 14 ноември, Светски ден против дијабетес, што се одржа во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче.

Тој рече дека во изминатиот период активно се работело на изготвување на нова десетгодишна стратегија за третман на дијабетес, која во себе содржи елементи кои ја подобруваат превенцијата, раното откривање на дијабетесот, соодветниот третман на ниво на секундарна и терциерна здравствена заштита.

– После носењето на оваа стратегија ќе почне ревитализација на сите центри за дијабетес ширум државата, додаде Филипче.

Директорот на Универзитетската клиника за ендокринологија, Саша Јовановска Мишевска рече дека целта на Националната стратегија за дијабетес е намалување на бројот на новодијагностицирани лица

– Се со цел да се спречат компликации: на срцето и крвните садови, како што се миокарден инфаркт, мозочен удар, на бубрезите кои водат до нивна терминална слабост со потреба од дијализа, на очите кои водат со слепило, циркулаторни компликации, компликации со нервите кои некогаш можат да донесат и потреба од ампутација на екстремитети, изјави д-р Мишевска.

Таа изрази надеж дека од Националната стратегија ќе произлезе Акциски план.