Бројот на пациенти и на услуги во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје е рапидно зголемен. Пациентите не се само од Скопје, туку и од целата држава. Директорот на болницата Христијан Костов вели дека со тоа и фактурирањето кон Фондот за здравство се зголемува рапидно, односно по околу сто милиони денари годишно.
– Во 2017 затеков околу 650 милиони денари, сега фактурирањето стаса до 900 милиони – изјави Костов во болницата беше претставена нова микробиолошка лабораторија.
За проблемот со недоволниот анестезиолошки кадар во ГОБ „8 Септември“ директорот рече дека се решава со анестезиолози од Клиниката за анестезија и реанимација и дека околу 80 отсто од потребите за овие услуги се задоволени.
– Секако дека сè уште ни фалат анестезиолози зашто бројот на пациенти е рапидно зголемен, како и бројот на интервенции. Неопходноста за нив е за да се намали листата на пациенти што чекаат за хируршка услуга. Не се работи за долги листи, чекање има кај хроничните, но итните пациенти се згрижуваат веднаш – вели Костов.
Директорот на болницата рече дека 2020 година ќе биде решен проблемот со старите хируршки сали. Ќе се реновираат сите сали за операции односно простор од околу 800 квадратни метри. За реновирањето е подготвен модерен проект и ќе се одвива и финансира преку Министерството за здравство.