Работата на улица е една од најчестите форми на детски труд во Македонија. Децата на улица не ретко заработуваат од питачење, продавање ситни предмети, чистење автомобилски стакла на раскрсниците, или пак се инволвирани во собирање пластични шишиња и друг вид отпад од контејнерите, соопшти Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Од таму велат дека некои деца ги вршат овие активности со цел да им помогнат финансиски на своите семејства, додека други се принудени, од страна на членови на семејството или пак организирани групи, да работат на улица.
Овој вид детски труд влијае на секој аспект од животот на децата, го нарушува нивниот физички, психички, социјален и образовен развој и ги оневозможува во остварувањето на нивните основни човекови права. Според владиниот извештај поднесен до Комитетот за правата на детето во март минатата година, Центрите за социјална работа имаат евидентирано околу 650 деца на улица. Сознанијата на граѓанските организации укажуваат дека оваа бројка е далеку помала од реалната – велат од „Меѓаши“.
Од Детската амбасада велат дека државата треба итно да преземе соодветни законодавни, административни, социјални и образовни мерки со цел заштита на детето од сите облици на злоупотреба на детски труд. Од институциите се очекува да ги препознаваат и евидентираат случаите на злоупотреба на детски труд но и да спроведуваат и развиваат механизми за превенција и сузбивање.