Македонија 11. декември 2019. / 10:34

Првиот Гео-парк нема да се реализира поради Злетовските рудници иако Швајцарија даде грант од 200.000 франци

Првиот Гео-парк нема да се реализира поради Злетовските рудници иако Швајцарија даде грант од 200.000 франци

Во интерес на Злетовските рудници, Пробиштип и Кратово се откажаа од идејата за првиот Гео-парк во Македонија и на Балканот, кој требаше да биде под заштита на УНЕСКО. Почетната странска донација изнесуваше 200.000 швајцарски франци. Гео-паркот ќе се простираше во околината на Лесновскиот манастир, кој и без тоа важи за непроценливо и заштитено историско и културно наследство на Балканот, пишува САКАМДАКАЖАМ.МК.

Градоначалниците на двете општини се откажаа од веќе започнатите активности, под изговор дека реализацијата на проектот и заштитата од УНЕСКО ќе ги доведат во прашање идните геолошки истражувања, па рударството, кое значи животна егзистенција за овој регион, целосно ќе згасне.

-Гео-паркот и неговата заштита од УНЕСКО ќе ги доведат во прашање натамошните геолошки истражувања, а со тоа и векот на рудниците. Затоа ние малку со резерва влеговме во овој проект и времено го ставаме во мирување“, вели градоначалникот на Пробиштип – Драган Анастасов.

Тој и градоначалникот на Кратово Љупчо Бојаџиев веќе ги известиле градоначалниците на останатите општини во Источно-Планскиот Регион (ИПР).

-На наредната средба на Советот на ИПР треба да ги дознаеме и утврдиме контурите на целата студија за Гео-паркот, за што претходно ќе бараме подетаљни информации. Ако рударските зони и капацитети не се засегнати со Гео-паркот, тогаш судбината на проектот ќе биде многу поинаква од сегашнот статус кво – вели претседателот на Советот на ИПР, Благој Бочварски.

Невладините организации и еколошките друштва од регионот засега остануваат неми на овие најнови одлуки на првите луѓе на општините, иако за првиот Гео-парк во државата Швајцарската агенција за обнова и развој обезбеди грант од 200.000 франци. Проектот беше поддржан од засегнатите општини, кои на 23 јануари оваа година потпишаа договор за апликација заедно со Источно-Планскиот Регион и Асоцијацијата за зачувување на природата во Македонија.

Неколку месеци пред тоа, градоначалниците на Пробиштип и Кратово и останатите потписници ја одржаа првата работилница и изјавија дека ова е голем чекор напред, затоа што Гео-паркот Лесново ќе придонесе за развој на туризмот во регионот. Гео-паркот го поддржаа и рударско-геолошките експерти, кои рекоа дека лесновскиот крај изобилува со остатоци од стара вулканска активност.

Дирекцијата на Источно-Планскиот Регион, која го координира проектот, веќе ја доставила апликацијата до УНЕСКО Гео-паркот Лесново до крајот на оваа година да се стави на мапата на заштитено културно наследство.