Македонија 29. мај 2020. / 21:00

Прв заразен во Кичево: Преземени мерки да се изолира случајот

Прв заразен во Кичево: Преземени мерки да се изолира случајот

По информација за првиот резидентен случај во општина Кичево на заразен со корона вирус, која беше објавена од градоначалникот Фатмир Дехари, попладнево заседаваше Кризниот штаб кој донесе одлука да се преземат превентивни мерки во насока за изолирање на случајот.

Градоначалник Дехари информира дека по овој случај имал контакти со министерот за здравство, Институтот за јавно здравје во Битола и вработените во болницата, кои гарантирале дека сомнителните случаи се во изолација, како и дека сите членови кои имале контакти со заразениот со Ковид-19 ќе бидат тестирани.

Дехари, изразувајќи благодарност до граѓаните кои скоро три месеци биле пример за сите други градови, апелира да не се занемари оваа состојба, особено сега по олеснувањето на мерките. Тој побара жителите на Општина Кичево да покажат трпеливост, зрелост и грижа како до сега.