Македонија 10. октомври 2020. / 16:15

Проширена програмата за трансплантација на органи во земјава

Проширена програмата за трансплантација на органи во земјава

Во Република С. Македонија денеска се одбележа Европскиот ден на органодарителството. Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека се проширила програмата за трансплантација на органи во земјата, па така освен бубрези, сега има листи за чекање за донирање на црн дроб, коски и ткива, срце и педијатриска листа за срце.

Филипче рече дека и покрај кризата со Ковид-19 не смее да се дозволи другите болни да се соочуваат со здравствени проблеми. Потсети дека веќе се извршила трансплантацијата на срце од починат донор во мај годинава и дека тој чин веќе дава резултати. Трансплантацијата, како што кажа, е процес којшто е многу комплексен, сложен, и вклучува активности на експерти од повеќе специјалности.  

Се прошири програмата и освен трансплантацијата на бубрези за што се направи електронска листа на чекање и софтвер за  избор на  потенцијални приматели на органи во ситуација кога има кадавер е сега во системот „Мој термин“, тоа значи дека секој пациент кој е кандидат за трансплантација на бубрег има  направено т.н.  ХДЛ-типизација и се знаат карактеристиките врз основа на кои може да се каже дали може да се трансплантира бубрег или не. Се направи листа на чекање на пациенти на кои им е потребна трансплантација на црн дроб, понатаму на коски и сето тоа е дел од таа национална листа за чекање  заедно со националната листа на потенцијални приматели на срце и педијатриската листа на срце, потенцираше Филипче.

Националниот координатор ја ажурирал соработката со сите болнички координатори кои учествуваат во  овој процес, а се направила анализа и на повеќе пациенти на кои им била дијагностицирана мозочна смрт и согласно компатибилноста и согласноста којашто ја дале семејствата, се направиле и две трансплантации на бубрези во изминатиот период.

Аплициравме за Еразмус програма и го добивме едукација на наши кадри во еминетни европски центри. Секој од клиниките номинираше по еден член на стручниот колегиум кој во периодот што е пред нас ќе биде упатен на едукација што вкупно ќе трае две години, а започнува со тримесечен престој во  овие европски институции што се дел од Еразмус раземната, објасни Филипче.

После тие три месеци продолжува соработката со менторите од европските институции со цел методите што не се работат кај нас да бидат имплементирани во нашите институции или доколку нешто веќе се спроведува да биде доусовршено согласно со сознанијата и напредокот во различни специјалности во европските центри.

Сметам дека трансплантацијата на срце што се случи во мај беше доказ дека ваков еден системски пристап дава резултати, рече Филипче.

Во изминатите две години наш хирург од Универзитетската болница во Франкфурт доаѓал секој месец или на секои два месеци и работел со колегите од Клиниката за кардиохирургија.

Имајќи предвид дека ова сега се работи во посложени услови, бидејќи дел од анестезиолозите се ангажирани со болниците поради Ковид-19, министерот кажа дека има план по кој ќе се работи и во овие услови, затоа што не може да се претпостави кога ќе може да се направи трансплантација.

Националниот координатор за трансплантација Маја Мијовска-Мојсовска  укажа на дел од идните планови, посочувајќи дека се зголемени тимовите на болничките координатори, главно на хируршките клиники и оти притоа е направена внатрешна едукација. Започнато е да се работи на отворање банка за донирање  коски и ткива, што може да се употребуваат за трансплатанција, а центарот би бил Мајчин дом. Таа се надева дека оваа банка би можела да биде отворена до крајот на годината.

Тоа што сакаме да го направиме освен овие листи што ги имаме за срце, црн дроб и коски и ткива, сакаме да направиме софтверски систем како  што е за бубрезите, би сакале тоа да го имплементираме во „Мој термин“, рече Мијовска Мојсовска.   

Мијовска-Мојсовска најави дека во среда би требало да започне трансплантација на бубрези со жив донор, со помала динамика, но тоа зависи од состојбата со Ковид-19, почитувајќи ги сите протоколи во болнички услови.