Реакција на текстот “Погрешно индоктринирана младина“ објавен на 5. април на Лидер.
Пишуваат: Ѓорги ГЕОРГИЕВ, Никола ДОНЕВ и Димитар ТРОМБЕВСКИ
Уште од самиот почеток сакаме да го поправиме нашиот колега од Правен – ние ниту снимивме подкаст со наслов “Кој е Берни за нас?“, ниту пак сакавме со нашата прва епизода да ги промовираме идеите на Берни.
Да, промоција и поттикнување на дискусија за неговите идеи ќе правиме во иднина, и тоа не само на овој подкаст туку и на други платформи, ама нашата цел беше да зборуваме за неспособноста на Демократската партија во САД.
„Подкастот“ од 8 минути ни беше само еден мал вовед во целата дискусија која се водеше, а траеше 1 час и 46 минути и оттука сфаќаме зошто авторот на текстот би имал многу неодговорени прашања. Одговорите ќе може да ги најде на нашиот YouTube канал.
Слободниот медиумски простор постои токму за поттикнување дебати, за размислувања и критички осврт на реалноста во светот. Тоа е всушност целта на студентскиот медиум „Авангарда“ при УКИМ – да биде платформа за сите гледишта и идеи произлезени од студентите.
Подкастот „Јустинијан збори“ е само мал дел од самиот медиум и како таков, не го претставува ставот на сите студенти вклучени во самиот проект за студентскиот медиум, ниту пак ставот на „Авангарда“. „Јустинијан збори“ е наша авторска креација и сите искажани ставови се тие од: Ѓорги Георгиев, Никола Донев и Димитар Тромбевски.
АНАЛИЗА СО АРГУМЕНТИ, А НЕ ПРАЗНИ ФЛОСКУЛИ
Како тим кој стои зад „Јустинијан збори“ поминавме некое време размислувајќи како да одговориме на самата анализа направена од авторот на текстот. Нашата цел со оваа реакција, а и целта на самиот подкаст кој ќе излегува секоја среда, ни е да развиеме дискусија во која нема да се надвикуваме за субјективни работи, туку со аргументи ќе си ги побиваме ставовите.
Нема да коментираме за субјективниот елемент на идеолошката определба на личноста, напротив, ќе се фокусираме на радикалноста на еден систем од идеи земајќи го предвид социјалниот, економскиот и политичкиот контекст на државата за која се зборува.
Излишно е да се убедуваме и објаснуваме за тоа што еден човек го прави искрен, кој има поголем речник и поголемо познавање во политика, економија и живот. Затоа во нашата анализа ќе одговориме само на оние тези каде што со аргументи можеме да ја докажеме нашата страна.
ИСКРЕНОСТ И ЛИЦЕМЕРСТВО
Не може Берни да биде лицемер за застапување на “егалитаристичките идеи, полни со критика кон милионерите и милијардерите во САД“ , заради тоа што самиот Берни е милионер. Берни би бил лицемер доколку самиот го негира тоа. Напротив, Берни во неколку наврати има потврдено дека е милионер и дека голем дел од профиот му доаѓа од успехот на неговите бестселери издадени низ годините.
Контратеза на ова е величење на Трамп за неговата искреност кога самиот тој нема издадено даночен извештај (tax returns) со години, а притоа ја прекрши идолгогодишната традиција на кандитатите кои јавно ги обелоденуваанивните приходи и даноци и ги изземаа од раководството на нивните бизниси. Дури и Џими Картер се откажал од неговата скромна фарма за кикиритки кога влезе во Белата куќа.
Берни не е лицемер ако не плаќа данок од 43% бидејќи таква даночна политика не постои во САД. Давањето, поточно донирањето пари надвор од даночната регулатива претставува филантропија, а не социјализам – идеите на социјализмот ја лоцираат државата како тело за редистрибуција преку оданочување.
Претходниот став се афирмира кога ќе се земе предвид фактот дека Берни гласаше против Законот за даночно олеснување на Трамп од 2017, закон од кој тој можеше за заштеди доста од неговите пари. Апсурдно е да бараме од човек да живее и да постапува надвор од еден постоечки систем – тоа е едноставно невозможно. Топло ја препорачуваме книгата од Џорџ Орвел – “Keep the Аspidistra Flying”.
ЛИДЕРСТВО
“Лидер – погрешен збор за човек кој не може да добие избори за претседател на клас во средно школо, ниту пак во сопствената партија, а не на претседателски избори во САД“.
Според оваа логика, ниту Мартин Лутер Кинг, ниту Махатма Ганди биле лидери бидејќи немаат победено на избори, ниту пак Александар Хамилтон, првиот секретар на трезорот на САД, кој е идеен творец на модерниот финансиски систем во САД – почнувајќи од првата национална банка, предвесник на федералните резерви па сѐ до берзата на Њујорк (New York Stock Exchange).
За концептот на лидер и лидерство постојат теоретски несогласувања. Лидер не е човек којшто само победува на избори. За тоа постои друго име – победник на избори. Лидер, за нас, е оној којшто ќе успее да мобилизира луѓе зад одредена кауза и истата таа да стане реалност.
Тоа го има направено Берни, кој како 15 годишник, и покрај тоа што изгубил на изборите за класен претседател во неговото училиште во Бруклин, неговата идеја за давање поголеми стипендии на децата кои биле донесени во САД за време на Корејската војна била прифатена во платформата на неговиот противник кој победил. Не победува на изборите, но прави вистинска промена.
СПЕЦИЈАЛНИ ИНТЕРЕСИ
Авторот на текстот е во право за едно нешто: во САД политиката функционира преку специјални интереси и лоби групи т.е јавна тајна е дека не може ништо да се направи без поддршка на овие две групации. Но има една голема фалинка во аргументот дека кампањата на Берни е под влијание на компании, корпорации, милионери и милијардери.
Доколку авторот на текстот го следи тоа што го зборува може лесно да се увери кои се донаторите во кампањата на Берни – повеќе од 2 милиони индивидуални донатори од сите 50 држави од САД прават 93% од финансирањето на кампањата на Берни за овие избори. Најчеста професија на донаторите на Берни? Вработени во Волмарт.
А за некој кој наводно сам ја финасира својата кампања како Доналд Трамп чудно е, и проблематично, зошто не сака да објави свој даночен извештај (tax returns). Со што би сакале да додадеме дека Трамп својата кампања не ја финансира сам, туку преку најразлични лоби групи.
РАДИКАЛНОСТА НА БЕРНИ
Нашиот одговор ќе го завршиме со реакција на активизмот и радикалноста на самиот Берни Сандерс. Сакаме во самиот старт да напоменеме дека никаде ние не велиме дека Берни е радикален, социјалист, ни комунист, туку велиме дека неговите идеи во политичкиот простор на САД се сфатени како радикални, социјалистички и комунистички. Иако, тие идеи од ден на ден стануваат се поприфатливи помеѓу самите Американци па така дури 56% во моментотсе изјаснуват позитивно за Medicare-for-All, што пред некоја години би било незамисливо.
Постојат вредности кои се негувани од страна на политичките субјекти на меѓународно ниво, но за разбирање на радикалноста на една идеја потребно е нејзина контекстуализација во околностите на еден политички, економски и социјален систем. Ширината на политичкиот спектар е различен во САД и Европа. Така, во европскиот контекст, идеите на Берни се реалност во голем дел од европските држави под концепцијата на социјалната држава – држава која ги користи даночните средства на граѓаните за обезбедување услуги од општ интерес за сите, како образование и здравство.
Самиот Берни во неколку наврати го има дефинирано неговиот стил на социјализам како демократски социјализам – концепција која значително отстапува од оној концепт на социјализам кој е познат на територијата на Источна Европа и поради кој авторот на текстот е загрижен. Според европскиот идеолошки спектар, Берни би бил етикетиран како обичен социјал-демократ од нордиски тип. Овде би сакале да направиме опсервација дека дури и во Обединетото Кралство, каде неолибералниот економски систем на слободен пазар и идеите на Хајек и Фридман имаат најголемо влијание во споредба со останатите европски држави, тие пак имаат единствен национален здравствен систем во форма на National Health Service (NHS).
Легитимноста на државата да извршува моќ на оданочување врз своето население извира од демократскиот систем кој е присутен, или според зборовите на Линколн: „Од народот, за народот“.
Со овој наш одговор се надеваме дека е задоволен приципот на отворена дебата, а истовремено истата ќе поттикне разговор и критичко размислување во јавноста. Слободниот дискурс е послободен кога постои рационално широка лепеза на отворени прашања за кои може да се полемизира