Македонија 13. април 2020. / 15:17

Промовирана апликацијата „Стоп корона“ за откривање дали сте биле во контакт со заболен

Промовирана апликацијата „Стоп корона“ за откривање дали сте биле во контакт со заболен

Од денеска граѓаните ќе имаат можност на своите мобилни уреди да ја инсталираат апликација „Стоп корона“, наменета за откривање дали биле во близок контакт со потенцијално заразени лица и со тоа да помогнат во борбата за спречување на ѓирење на вирусот.

Како што истакна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, за да ја постигне предвидената цел, потребно е апликацијата масовно да се користи од сите граѓани.

Манчевски соопшти дека апликацијата гарантира целосна заштита на приватноста, не ги следи контактите и не користи локација, ниту име и презиме на оние кои ја користат, а единствен податок што го бара е мобилниот број на корисникот.

Апелирам до сите граѓани што помасовно да ја преземат оваа апликација. Со помош на апликацијата сите даваме личен придонес во колективната борба со оваа наша заедничка опасност. Со апликацијата им помагаме и на здравствените работници кои секој ден се првата линија на борбата – изјави Манчевски.

Апликацијата функционира на принцип на анонимизирани шифри, така што, дава брз одговор на здравствените работници со кои лица заразениот бил во контакт во последните 14 дена, помага да се информираат потенцијално инфицираните лица за да им се дадат насоки за самоизолација, тестирање или лекување и помага за растoварување на здравствените работници во поглед на анкетирањето на контактите со заболените.

Корисникот е потребно доброволно да го внесе својот мобилен број за да ја активира апликацијата. Овој податок се евидентира на безбеден сервер на Министерството за здравство и ниту еден друг корисник нема пристап до мобилните броеви, ниту, пак, некаде се чува податок за сопственикот на бројот – изјави Манчевски.

За еден ден апликацијата, без официјална најава, веќе ја имаат активирано 5.000 корисници.

Апликацијата „Стоп корона“ е донација од македонската компанија „Нексенс“.