Македонија 10. декември 2020. / 15:15

Продолжуваат истите рестриктивни мерки за угостителските објекти

Продолжуваат истите рестриктивни мерки за угостителските објекти

Иако консултациите за подготовка на законско решение за недела да биде прогласен за неработен ден се уште се во тек, сепак засега извесно е дека недела нема да биде неработен ден за сите. Угостителите и компаниите од туристичката дејност најверојатно нема да имаат забрана за работа во недела.

Со оглед на фактот дека поголем дел од угостителските објекти 50 до 70 отсто од прометот го остваруваат во недела, за да не дојде до затворање на многу од бизнисите поради нерентабилност, побараа да нема забрана за работа во недела. Ова нивно барање беше подржано и од министерот за економија, Крешник Бектеши.

-Имајќи во предвид дека сакаме да го зголемиме туризмот во нашата држава и да привлечеме што е можно поголем број на странски туристи секако дека Секторот туризам и угостителство треба да работи и во недела, изјави министерот Бектеши кој додаде дека следат уште консултации со стопанските комори.

Анализата на Стопанската комора покажува дека туризмот и угостителството се дејности кои не познаваат работни денови. Движењето на туристите и работата на угостителството не може да се поврзе со работните денови во неделата во ниту една земја. Туристи може да се видат секој ден од неделата, од понеделник до недела, а со тоа и хотелите не може да работат само од понеделник до сабота затоа што во државата недела ќе биде неработен ден. Истото се однесува и за угостителите кој најголемиот промет остваруваат во деновите за викенд.

-Ваквите решенија, во услови кога секторот се соочува со целосен колапс поради вирусот Ковид-19, со намалени приходи и до 90 отсто и со намален број вработени и до 50 отсто, не резултираат со економска логика. Ако на ова му се додадат и проекциите на секторот врз основа на две спроведени студии годинава за ефектите од светската пандемија врз секторот туризам и угостителство дека кризата ќе продолжи и во 2021 со пад на обртот од 60 отсто, а во 2022 од 40 отсто и дека обновување на пазарот и достигнување на квалитетите од 2019 година се очекува најрано во 2023 година, до 2025 година, треба сериозно да се проценат ефектите од ваквите решенија, смета Ана Таневска-Ѓорѓиевска, претседател на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.