Македонија 16. јануари 2019. / 15:17

Презентирани мерките од програмата против аерозагадувањето

Презентирани мерките од програмата против аерозагадувањето

Заменик министерот за животна средина Макрадули потенцира дека 2019 ќе биде година во која ќе се работи на комплетна замена на нееколошките деривати за затоплување кај домаќинствата и јавните установи.

Првата активност е поврзување на студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу кој има 490 студенти, за жал се загрева на мазут и за тоа се трошат 230 тони штетни емисии во зимскиот период. Трошоците за мазут годишно се 7,1 милиони денари, изјави заменик министерот Јани Макрадули.

„Зелени ѕидови“ помеѓу училиштата и улиците, дводелни автобуси на гас, измени во законите за градење и домување – се само дел од останатите мерки на кои паралелно ќе се работи. Најспецифична а можеби и најтешка е потребата од подигнување на колективната свест, потенцира Макрадули кој побара помош од невладините организации и вети награди за оние кои ќе успеат во тоа.

-На јавната расправа која што се одржа во Собранието ни треба тоа – гласот на јавноста. Дека налепниците не се нешто што удира по сиромашните туку се грижи за екологијата. Дека забраната за греење на јаглен не е да удри по социјалните случаи туку напротив да го заштити здравјето на нивните деца. Но, државата треба да понуди алтернатива и овој план ја нуди таа алтернатива, изјави заменик министерот Јани Макрадули.

Свесноста за тоа дека ова прашање ќе се решава во следните децении а не години мислам дека е дополнителен придонес на чувството на немоќ и незадоволство кај граѓаните, па и нивната агресивна критика кон институциите. Сето тоа е разбирливо имајќи предвид колку не се работеше на прашањето во изминатите 20 години, вели  Ана Чоловиќ  Лешоска, „Еко-свест“ .

Граѓанските организации побараа забрзување на процесот на гасификација, да се разгледа можноста да нема греење на дрвја во урбаните средини и да се обезбедат монтажни куќи за семејствата од скопските населби кои живеат под прагот на сиромаштијата.