Со читање на СМС пораки, од комуникацијата меѓу обвинетите, како доказен материјал на СЈО, во Кривичниот суд почна рочиштето за предметот „Титаник“.
Судијата Осман Шабани го прекина денешното рочиште за случајот „Титаник“ поради тоа што во судница му се слошило на обвинетиот Мунир Пепиќ, пренесува МКД.мк.
Пепиќ се пожалил дека не му е добро и побара кратко да излезе надвор од судница на воздух. По неколку минути се вратил назад, но со наведната глава продолжи да го следи судењето. Судијата Шабани го праша дали му е добро и му појасни дека ако не се чувствува добро ќе повика лекари во судот.
-Утрово имав гушење судија и не се чувствувам баш најдобро. – му рече обвинетиот Пепиќ.
Судијата Шабани појасни дека поради здравствената состојба на обвинетиот Пепиќ ќе го прекине судењето за тој да може да се одмори, но адвокатите појаснија дека од рочиштето за „Титаник“ Пепиќ треба веднаш да влезе на судењето за „27 април“. Судијата Шабани повика Итна медицинска помош, која во моментов е во судот, го прегледува обвинетиот Пепиќ по што лекарите треба да дадат мислење каква е неговата здравствена состојба и дали тој ќе може да го следи судењето за насилството во Собранието.