Македонија 24. декември 2019. / 12:18

Предметот „ТНТ“ на 17 јануари почнува од почеток

Предметот „ТНТ“ на 17 јануари почнува од почеток

Судењето за предметот „ТНТ“, што се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на Фијат Цановски, ќе продолжи на 17 јануари наредната година, но од почеток. Целиот предмет го следеа низа контроверзи, и ова е само епилог на кулминацијата, што настана во трката со време за носење првостепена одлука, претепувањето на екс-градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски и истекувањето на мандатот на две од поротничките во судечкиот совет.

Во „ТНТ“ се обвинети екс-премиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, градоначалникот Тони Трајковски, Елисавета Најдовска, Александра Аврамовска и Насе Ралев, вработени во општината.

И на денешното рочиште не дојде Трајковски, кој е хоспитализиран на една од скопските клиники, поради што обвинителот Бурим Рустеми побара одвојување на постапката за него, како и за Аврамовска и Ралев. Но, по кратка пауза судијата Огнен Ставрев го одби барањето.

Во текот на рочиштето, пак, одбраната инсистираше на повлекувањето на поротничките. Обвинителот Рустеми укажа дека тоа е работа на Судскиот совет, но судијата Ставрев, сепак, пресече со закажување на ново рочиште. Дотогаш ќе треба да се расчисти и со статусот на поротничките.

При смена на поротник, судењето се враќа на нула, на воведени зборови и изјаснување за вина. Сè што било работено овие две години, не важи, треба да се повтори и изведе како за првпат.

Проблемот со недостаток на поротници трае со години

Проблемот со недостаток на поротници трае со години, но никој не презема ништо, вели за Лидер.мк адвокатот Звонко Давидовиќ.

Според него, недостатокот на умешноста во менаџирањето со работата на судството е една од забелешките, што многу одамна ја има посочено Советот на Европа во врска со предметот „Јустиција“, но залудно.

-Не може организацијата во судството да влијае на правдата и правичноста и еднаквоста на оружјата, вели Давидовиќ.