Деновиве, како гром од ведро небо, провладините мегафони во Република Македонија ја отворија темата за промена на изборниот модел. Затечен од новонастанатата ситуација, се запрашав што е причината, кога според власта по втор пат треба да славиме датум за преговори со ЕУ, нивните послушници во медиумите да ја отвараат оваа тема. Според мене има две причини за овој потег на власта.
пишува: доц. д-р Самоил МАЛЧЕСКИ
Првата причина е дефокусирањето на јавноста од дебаклот што ги чека со недобивањето на датум за преговори со ЕУ. Пред да продолжам понатаму, сакам јасно и гласно да кажам дека во овој момент најдоброто нешто за Република Македонија е да добие датум за преговори за ЕУ, ама вистински датум, не оној спин на Заев и неговите послушници од минатата година! Само така во државава ќе се случат вистински реформи почнувајќи од правосудството, па се до образование, здравство, социјална заштита и сите останати сегменти во македонското општество. Но, за жал, ситуацијата е сосема поинаква. Заради немањето на реформи и продолжувањето на корупцијата, криминалот, непотизмот и сите девијантни појави кои го тиштат македонското општество, датум нема да имаме, нема да има ни во јули, а за скоро ќе видиме какви се услови ќе добиеме за во октомври. Оттука, „прослави“ и спинови како минатогодишните нема да го покријат неуспехот на Заев и неговата „реформска“ Влада. Уште еднаш, по незнам кој пат на виделина ќе излезат сите негови лаги и наводни грижи за Република Македонија и нејзините граѓани. Нема што да прават, па се одлучија да ја дефокусираат јавноста.
Втората причина е уште поболна за Република Македонија. После неуспехот на претседателските избори и очајниот број на гласови кои ги добија, на Заев му е јасно дека ги губи следните парламентарни избори и тоа ги губи катастрофално. На сите ни е веќе јасно дека ни со изборен инжињеринг не може да оди против граѓаните, демаскиран е! Оттука, промената на изборниот модел е една од математиките и ветувањата на Заев за постизборна коалиција. Доколку ни се случи намалување на изборните единици од шест на три или четири, тогаш веќе е сигурно дека тоа е вовед во кантонизација на Република Македонија, нешто што во јавноста одамна се шпекулира, а никој од власта не најде за згодно да го демантира истото или јасно да каже дека нема да се случи тоа. Дали новава врхушка е спремна на тоа? Па, судејќи по нивните претходни колнења и што потоа направија само да се дограбаат и да останат на власт, речиси сум сигурен дека, ако не се спремни, барем размислуваат за овој потег. Се покажа дека на овие луѓе воопшто не им е битна Република Македонија и нивните граѓани. Сетете се само со кои ветувања и кои политички манипулации се дограбија до власт и доволно е. Ваквата промена на изборниот модел, а со тоа и на политичкиот систем, проследено со постизборни манипулации, со сигурност ќе им овозможат нови четири години во кои дополнително ќе ја разграбуваат Република Македонија. Дали ќе им дозволиме, од нас зависи!
Што треба да се направи? Секако промена на изборниот модел е тема за која треба да се дискутира. Но, во овие моменти тоа не е со чисти и искрени намери. Доколку имаа искрени и чесни намери, место со спинови по медиуми Владата требаше да излезе со конкретен предлог за кој ќе дискутиравме. Според мене тој предлог треба да значи една изборна единица, со дефиниран праг од минимум 4%, и тоа не смее да биде дискутирано, се друго е вовед во кантонизација на Република Македонија. Во овој момент прашањето за отворени листи треба убаво да се размисли. Може попаметно е прво на локални избори, за советнички листи, да се види како ќе функционира истото, па потоа да се примени на парламентарни избори.
За крај, од нас зависи дали ќе потклекнеме на овие манипулации и дали на Заев ќе му овозможиме целосно да ја отвори веќе подотворената врата за кантонизација на Република Македонија. Отпорот не е залуден ако е воден од вистински, чесни и искрени намери. Последната битка за Република Македонија почнува и не смееме да ја изгубиме!