Македонија 10. август 2018. / 11:54

Празнини во правилата за подароците и бенефициите на пратениците

Празнини во правилата за подароците и бенефициите на пратениците

Во последниот извештај за Македонија, ГРЕКО потсетува на основната загриженост од Извештајот за евалуација, во кој се издвојуваат две важни теми во контекст на земјата. Имено, велат од ГРЕКО, се работи за управувањето со судир на интереси и реакциите на подароци и други бенефиции.

Усвојувањето на собранискиот Кодекс за етичко однесување е, секако, позитивен развој, меѓутоа, само изјавата во Кодексот дека „пратеникот е должен да ги почитува правилата што се однесуваат на спречување на конфликтот меѓу јавниот и приватниот интерес“ очигледно не е доволна за какво било пожелно упатство, кое би ги дефинирало појасно проблематичните ситуации и однесувањето што се очекува конкретно во случај на законски и административни активности на пратеникот.

Истото тоа, додаваат од ГРЕКО, може да се каже и во врска со реакциите на подароци и други бенефиции, на пример, затоа што пратениците се должни да се придржуваат и кон она што се чини дека е целосна забрана според Кодексот за етичко однесување, како и според домашните и меѓународните стандарди за корупција.

„Со оглед на меѓународната дефиниција за поткуп, на пример, ГРЕКО потсетува дека УНKАK и Кривичноправната конвенција за корупција го дефинираат поткупот како какво било непотребно давање предност, за да се добие за возврат некое дејствие или неактивност (недејствување). Покрај тоа, во нивниот официјален капацитет може да се соочат со таканаречени протоколарни подароци и останува нејасно дали и тие треба да бидат одбиени или пријавени или можеби предадени на Собранието“, истакнуваат од ГРЕКО.