Македонија 21. декември 2020. / 14:48

Правнуката на Петар Поп-Арсов: Новиот концепт е навредлив за секој Македонец

Правнуката на Петар Поп-Арсов: Новиот концепт е навредлив за секој Македонец

Со реакција за новиот концепт на образование, се јави и правнуката на Петар Поп-Арсов, Сара Поп-Арсова. Таа посочи дека новиот концепт е навредлив за секој Македонец и претставува минус за идните генерации.

-Моето име е Сара Поп-Арсова. Имам чест, но и одговорност да го носам презимето на еден од најголемите македонски револуционери – Петар Поп- Арсов. Ваквиот аманет го детерминира мојот животен пат и ме наведе моите студии да ги започнам на Филозофскиот факултет на Институтот за Историја.

Последниве неколку дена на јавноста и е претставен новиот образовен концепт кој предвидува интегрирање на неколку општествено- хуманистички науки и неколку природни науки во еден предмет. Оваа „реформа“ може да има страшни и трајни последици на идните генерации.

Во период кога Македонија се наоѓа во ситуација во која треба секојдневно да го „докажува“ својот идентитет решението не е бришење на предметот Историја и негово интегрирање со останатите „општествени предмети“. Интересно е што овие реформи доаѓаат во период кога многу јасно се зборува за „заедничката“ историја со нашите источни соседи. Апсолутно се гледаат надворешните притисоци како стојат позади оваа одлука на чие чело застана Царовска.

Брзото носење на било какви реформи, особено во образованието нема да резултира со позитивен фидбек, туку напротив, учениците ќе имаат дупки во основните знаења што ќе се одразува на нивното образование и ќе им направи потешкотии во понатамошното студирање. Ваквата реформа не само што е навредлива за секој Македонец, туку сметам дека е огромен минус и за идните генерации кои што нема да добијат онаква претстава за историјата како што треба и како што заслужуваат.

Јас како и сите останати Македонци, имаме предци кои се бореле за автономија на Македонија и го дале својот живот за татковината. Покрај тоа што изгубивме многу голем дел од нашата „македонштина“, губењето на историјата би била капка која ќе ја прелие чашата.