Игор Јадровски, Неда Чаловска Димовска, Лимко Бејзароски, Ирфан Деари, Кире Василев, Исмаил Камбери и Весна Бендевска ќе бидат седумте члена на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, откако Собранието вчера со 61 глас „за“ го избра новиот состав.
Изборот на членовите се спроведе според новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, кој мораше два пати да се усвојува откако првичниот закон беше укинат од Уставниот суд поради грешки во процедурата на гласање. Во меѓувреме ова тело не беше функционално од средината на 2019 година кога истече мандатот на претходната комисија.
Четворица од новоизбраните членови ќе имаат мандат од 5 години, а останатите ќе имаат мандат од 3 години.
На конкурсот беа пријавени вкупно 44 кандидати кои требаа да исполнуваат повеќе услови, меѓу кои и најмалку седум години работно искуство во областа на човековите права, од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација.
Што пишува во биографиите на новите членови на Комисијата?
Игор Јадровски е дипломиран правник од Скопје. Од 2016 година работел во Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, додека во периодот од мај 2019 до февруари 2020 работел како правен офицер за Европа за „Minority Rights Group International“.
Претходно од 2012 до 2016 година работел и како координатор и правен советник во Х.Е.Р.А и во Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – Заедно Посилни.
Во својата биографија има наведено неколку посети на тренинзи и публикации на кои е автор, како и неколку проекти во застапување за човекови права со меѓународни организации.
Неда Чаловска Димовска е дипломиран правник со специјализација на темата на женски права и спречување и превенција на насилство врз жените на Државниот универзитет во Њујорк. Последно работела во шведската развојна организација Ве Еффект на позицијата програмска офицерка за родова еднаквост и малцинства.
Претходно Чаловска Димовска работела во Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија од 2012 година, а пред тоа работела и како приправничка во Апелациониот суд и како правна советничка во адвокатска канцеларија.
Како дел од Хелсиншкиот комитет таа членувала во Националното тело за недискриминација, Платформата за родова еднаквост, а била и координаторка на Мрежата за заштита од дискриминација и претседателка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Во нејзината биографија има наведено повеќе анализи и публикации во кои се јавува како авторка, како и повеќе конференции, семинари и обуки на кои учествувала како тренер и предавач.
Лимко Безароски е дипломиран политиколог и доктор по историски науки од село Пласница. Докторира на УКИМ на тема со наслов „Миграциите во Кичевско-Бродскиот регион во периодот 1912-58, причини и последици“.
Последната работна позиција му била во МВР на позиција советник во управниот и граѓанскиот сектор, а неговата кариера ја започнал со работа во печатница, а потоа преминал во МВР како инспектор за криминалистички работи. Во периодот 2014-2019 бил член на Комисијата за верификација на фактите.
Ирфан Деари е лекар специјалист по семејна медицина од Боговиње. Дипломирал и специјализирал на Медицинскиот факултет во Скопје.
Во неговата професионална кариера од 1992 година стои дека работел како лекар во приватна амбуланта, а од 2009 до 2014 бил пратеник во Собранието на Република Македонија.
Од 2011 до 2015 година бил член на Комисијата за заштита од дискриминација.
Во неговата биографија стои и дека „соработувал со Асоцијацијата за демократски иницијативи за теми поврзани со еднаквост и недискриминација“.
Кире Василев е магистер по социјални и хуманистички науки од Битола. Дипломирал на политички студии на УКИМ во 2007, а се стекнал со звање магистер по хуманистички науки на Европскиот универзитет во Фленсбург, Германија (2012) и магистер по социјални науки на Универзитетот на Лондон (2017).
Последен професионален ангажман во неговата биографија е како советник за трудови политики во Министерството за труд и социјална политика каде на таа позиција работи од 2018 година. Претходно работел во Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (2014-2016), на проекти во Министерството за труд и социјална политика (2008-2010) и како асистент истражувач во Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (2008-2010).
Во својата биографија има и наведено четири истражувања и публикации во кои се јавува како автор.
Исмаил Камбери е магистер по правни работи од Тетово. Дипломирал во 2013 година на Правниот факултет при УКИМ, а во 2015 магистрирал во областа на казненото право на истиот факултет.
Последното работно искуство ми било како истражувач во Институтот за европска политика, каде работел од 2015 година. Претходно бил дел и од Здружението за развој на ромската заедница СУМНАЛ, а бил и консултант за неколку регионални и меѓународни организации, како и набљудувач на избори во неколку странски држави.
Во својата биографија има наведено 18 публикации во кои се јавува како автор или коавтор.
Весна Бендевска е дипломиран психолог од Битола. Дипломирала 1985 година на Филозофскиот факултет при УКИМ, а во моментов е на постдипломски студии по менаџмент на човечки ресурси на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.
Од 2006 до 2014 година била пратеничка во Собранието на Република Македонија. Професионалната кариера ја започнала како психолог во Битола (1987-1990), по што работела и во финансии во А.Д. Живинарска фарма „Породин“ во Битола (1990-1993) и ТТК Банка – Битола (1993-2006). Во периодот од 2005 до 2006 била и советничка во Советот на Општина Битола.
Во нејзината биографија се наведени повеќе членувања во собраниски комисии, како и тоа дека од 2008 до 2011 ја вршела функцијата Претседател на Постојаната анкетна комисија за ззаштита на слободите и правата на граѓанинот.
Целосните биографии на новите членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација како и на сите кандидати пријавени на огласот може да ги најдете на следниов ЛИНК.