Македонија 22. декември 2018. / 16:19

Пратеникот Крсто Мукоски поднесе барање за амнестија

Пратеникот Крсто Мукоски поднесе барање за амнестија

Пратеникот Крсто Мукоски што ги отвори собраниските врати на 27-ми април е еден од 5-мината обвинети кои во петокот поднеле лично барање за амнестија во кривичниот суд, потврдија за Телма судски извори.

Меѓу оние кои поднеле барање се Никола Митревски-Кољо, кој неколку месеци беше во бегство, а на крвавиот четврток носеше фантомка, Оливер Радулов, кој е вработен во УБК и ги изнесувал хард дисковите со собраниските безбедносни снимки.

Барање за амнестија поднел и Младен Додевски. Претседателот на кривичниот суд Иван Џолев потврди само дека вкупно 5 барања биле доставени до кривичниот суд до крајот на работното време вчера.

Џолев не прецизираше кои лица побарале амнестија и во која фаза од постапка пред суд се обвинети. Адвокати на обвинетите Сашо Василевски и Александар Василевски- Нинџа потврдија дека нивните клиенти во понеделник ќе поднесат барања за амнестија.

Крајниот рок да се побара амнестија е вторник. Потоа во рок од 5 дена судот и обвинителството треба да се изјаснат дали го прифаќаат барањето за амнестија или ќе продолжи постапката против барателите.