Македонија 02. март 2021. / 16:12

Пратениците расправаат за дополнувањата на Законот за финансирање на општините

Пратениците расправаат за дополнувањата на Законот за финансирање на општините

Собранието  во рамки на 21. седница расправа за Предлог на законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка, кој е дел од пакетите антикризни мерки, однсоно, целта е да се обезбедат стабилни приходи и да се олесни работењето на општините во време на КОВИД-19 за 2021 година.

Со Предлогот на Законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа се додава нов член 9-а со кој се утврдува висината на приходите од данокот на додадена вредност кои се распределуваат на општините за 2021 година, со кој се предвидува во 2021 година, висината на приходите од данокот на додадена вредност да се обезбедат во висина од 4,5% од просекот на наплатениот данок на додадена вредност во последните три години, наместо 4,5% од наплатениот данок на додадена вредност во последната година.

Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со дополнувањата на законот според досегашните искуства ќе значи нови долгови кои потоа повторно ќе ги сервисираат граѓаните, затоа што токму сега градоначалниците кои не сработеле ништо ќе ги искористат за јавните претпријатија да ги претворат во партиски испостави за вработеување и полнење на администрацијата наместо за проекти кои ќе им донесат бенефит на граѓаните.

Овој предлог – закон е едно од политички некоректните решенија со кои Владата се обидува да ја замаскира неуспешноста на локалните самоуправи, решенија од коишто оваа власт освен дупките по патиштата, ќе им останат за век и векови и дупките во општинските буџети. Одговорност за неодговорното работење мора да има, рече Петковска.

Реплицираше Диме Велков од СДСМ кој рече дека колешката пратеничка се согласила со законското решение и кажала дека е добро за време на комисиската расправа, со кое сите локални самоуправи во земјава ќе добијат дополнителни средства.

-Целта е сите општини да добијат повеќе пари од наплатениот данок на додадена вредност., за повеќе да можат да работат бидејќи не само ковид, сите зборуваме за децентрализација и за повеќе пари… Вие не зборувавте за законот или уште сега си барате алиби за поразот кој што ќе го доживеете на локалните избори бидејќи се навикнавме, вели Велков.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека не очекува измените да дадат резултати, како што не дале ниту пакетите економски мерки на Владата. Додаде дека секоја година во општините по овој основ се влеваат 34 милиони евра, а сега со оваа нова пресметка ќе влезат 36 или само два милиони евра повеќе. Тоа е вели по 20.000 евра за секоја од 80-те општини и градот Скопје, но посочи дека не очекува рамноправна распределба на тие пари.

-Не е вистина дека ВМРО-ДПМНЕ не поддржува вакви решенија каде што треба да завршат кај оние кои имаат потреба. Сепак преку Комисијата, доколку се искориста и инкорпориираат предлозите кои ВМРО-ДПМНЕ ги дава тогаш ќе го поддржи. А ако видиме како завршуваат оние мерки коишто припаѓаат на оние сетови евидентно е зошто имаме забелешки на овој закон, рече Стојановски.

Тој кажа дека по помошта на Владата за намалување на долгот на општините од 50 милиони евра во 2018 година за две години подоцна, долгот на општините се зголемил за 23 милиони евра.

Ако сакаме да вложуваме во општините треба да постојат механизми за овие народни пари да се трошат како што треба, а ако влезете во циклус да давате одредени средства, а тие средства без поктритие да се трошат, ни овие два милиона евра нема да помогнат туку ќе бидат како една плус мерка на овие сетови кои вие ги ветувавте. Ова нема да помогне за локалната самоуправа, ама ќе помогне ако ги реализирате ветувањата во вашите програми, локалната самоуправа да биде подобра, поревноста, поликвидна, кои ветувања не се исполенти, рече Стојановски.

Заменик министерот за финансии Мите Ковачевски реплицираше дека овој закон е дел од пакетите антикризни мерки, бидејќи ако се земат приходите од 2020 година, кои се намалени заради кризата морало да се изврши нивелација, односно упросечување на претходните три години за да можат општините да добијат трансфер од ДДВ кој што ќе им овозможи да ги извршуваат своите основни функции. Станува збор за 0.054 проценти во однос на тоа што би го добиле доколку била нормална 2020.

Во однос на реализацијата на мерките, Ковачевски кажа дека четирите пакети мерки изнесуваа околу една милијарда евра кои се 10 проценти од БДП на државата, но нагласи дека покрај директни трансфери од буџетот има мерки коишто се однесуваат на даночни олеснувања кои ќе важат во текот на цела 2020 и 2021 г. Потоа на мерки кои се однесуваат на гарантните шеми преку Развојната банка, а кои не се искористени поради недонесените закони во Собранието. Станува збор за 15 милиои евра од оваа банка кои, рече, преку грантната шема имаат милтипликаторен ефект до 100 милиони евра.

-Во однос на долгот на РС Македонија, каде се изнесуваа најразлични сценарија, ние 2020 г. ја завршивме со ниво на долг од 59,9 проценти, рече заменик министерот за финансии и додаде дека оваа година доспева за враќање навдорешен и внатрешен долг на РСМ од 605 милиони ева од кои 500 милиони е обврзницата која земјата ја има земено 2014 година.