Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го искористија отсуството на двајца пратеници од власта кои се во изолација, за да ја блокираат денешната 30. седница на Собранието.
Од владејачкото мнозинство еден пратеник е позитивен на коронавирус, а уште еден е тестиран и чека резултати, па поради тоа се во изолација.
Пратениците во ВМРО-ДПМНЕ не влегуваа во пленарната сала, па поради тоа не можеше да се обезбеди кворум од 61 пратеник, ниту за да се изгласа утврдениот дневен ред. Затоа седницата не ни почна, а претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина со образложение дека нема деловнички можности за работа.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кажа дека не присуствуваат на седницата поради недемократското однесување на мнозинството во парламентот.
„Опозицијата е цело време во Собранието и ќе ви дишеме цело време во врат се додека се обидувате на ваков начин да ја преставите демократијата во Република Македонија. Она што го зборуваме од почетокот се покажува на дело, затоа што со 62 пратеника се однесувате како да имате 100“, рече Мицевски.
На денешната седница меѓу точките на дневен ред е и интерпелација за работата на заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, предложена од опозицијата.