Македонија 08. ноември 2018. / 19:21

Пратеничката Ласовска побара да не се бришат одлуките на АСНОМ од преамбулата

Пратеничката Ласовска побара да не се бришат одлуките на АСНОМ од преамбулата

Прогласот на АСНОМ не е конститутивен акт за државата, нема државотворна важност за разлика од деветте одлуки на АСНОМ, кои сега се предлага да се избришат во преамбулата, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска.

Со прогласот, според неа, само се известува за Првото заседание на АСНОМ и со тоа се удрени темелите на нова држава и притоа, вели таа, на овој начин се брише значењето на Второто и Третото заседание на АСНОМ, кои во прогласот ги нема.

Ласовска се осврна на вметнувањето на Охридскиот рамковен договор, што, според неа, било чудно затоа што претходно беа изгласани амандмани што веќе постојат во Уставот 17 години.

Ласовска рече дека државата на овој начин оди кон блага федерализација и бинационалност, а се напушта унитарниот карактер на државата.

Таа повтори дека немаат мандат за менување на уставното име и дека таа ниту во оваа фаза нема да им даде поддршка за уставните измени.

Заменик-министерот Жерновски демантира дека одлуките на АСНОМ се бришат во новата преамбула, напротив, според него, државноста се истакнува.