Политичкиот дијалог за промена на изборното законодавство е во застој. За можната промена на изборниот модел политичките партии ќе дискутираат по одморите.
Работните групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се уште не постигнале согласност за евентуална промена на изборниот модел. Од СДСМ велат дека тие остануваат на ставот дека на наредните парламентарни избори треба да се гласа во една изборна единица, а не како до сега во 6 во земјата и една во дијаспората. Тврдат дека се уште чекаат одговор за ова прашање од ВМРО-ДПМНЕ и дека не би сакале да иницираат измени на Изборниот законик без меѓупартиски консензус, објави Телма.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека прашањето за изборниот модел се уште не дошло на ред во работната група за реформа на изборното законодавство.
„Во работната група не е дискутирано за изборниот модел. Партиите имаат договор ова прашање да го отворат на есен, некаде по летните одмори. Се разгледуваат сите варијанти на изборен модел“, велат од опозициската партија.
Изминатите месеци, опозициската партија неколку пати посочуваше дека мнозинскиот модел би можел да биде добро решение. За пропорционален модел без двоумење се залагаат „малите партии“, но нивните шанси да освојат пратенички мандат со сопствена листа ќе зависат од изборниот праг. Доколку тој е 3 одсто или повеќе, голем број од нив ќе останат надвор од делбата на пратеничките места.
До сега, двете најголеми партии постигнаа договор за составот на ДИК. Во новиот состав тројца члена и претседателот ќе бидат од опозицијата, а четворица од власта. Пред ваквиот избор во Собранието, треба да се смени Изборниот законик и да се врати ова решение како преодно. На есен, се планира темелна реформа. Во ДИК би седеле професионалци, а партиите би се вклучиле шест месеци пред избори. Првиот тест ќе биде пролетта 2019-та, кога се редовните претседателски избори. Информациите дека истовремено би можело да има и предвремени парламентарни се на ниво на шпекулации.