Македонија 24. август 2020. / 10:51

Повик за 35 медијатори кои ќе им помагаат на ученици Роми во основното образование

Повик за 35 медијатори кои ќе им помагаат на ученици Роми во основното образование

До 28 август трае рокот за пријавување на јавниот повик на Министерството за образование и наука за ангажирање 35 ромски образовни медијатори за поддршка на основното образование на Роми за учебната 2020/2021 година.

Право да аплицираат имаат лица од општини со поголем број ученици од ромската етничка заедница: Шуто Оризари, Карпош, Ѓорче Петров, Чаир/Центар, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Кочани, Виница, Делчево, Берово, Струмица, Велес/Градско, Гази Баба, Кавадарци, Кисела Вода, Крива Паланка, Аеродором и Бутел.

Ромските образовни медијатори ќе примаат хонорар со месечен износ од 15.867 денари бруто за ангажман од четири месеци во текот на 2020 година и шест месеци во текот на 2021 година.

Според условите од повикот, медијаторите треба да се невработени, македонски државјани и да се припадници на ромската етничка заедница. Во повикот се содржани и критериумите за избор на медијатори, потребните документи за аплицирање на повикот и е наведено кои кандидати ќе имаат предност при селекцијата.

Од МОН посочуваат дека целта на медијаторството е да се унапреди образованието преку дополнителна поддршка за учениците Роми во основните училишта. Медијаторот ќе има улога да помогне и презема активности за подобрување на информираноста за можностите и пристапот до училиштата, спроведува редовни средби за сензибилизација на населението и вработените во основното училиште со спецификите и потребите на ранливите групи во делот на образованието, редовно соработува со стручните соработници и наставниците за подобрување на постигањата на учениците, презема активности со кои ќе се намали напуштањето на воспитно-образовниот процес на учениците.

Рокот за аплицирање е 28 август до кога кандидатите треба да ги достават документите до Министерството за образование и наука, на ул. Св.Кирил и Методиј бр. 54, 1000 Скопје.