Повеќе од 3.000 луѓе во текот на минатата година и најмалку 1.000 оваа година поднеле барање во Министерството за внатрешни работи за промена на личното име.
Бројките од надлежните покажуваат дека во текот на 2019 година поднесени се вкупно 3.706 барања за промена на личното име, а во тековната 2020 година до 3 јули поднесени се вкупно 1,157 барања. Како дел од личното име, граѓаните можат да извршат промена на презимето и тоа се случува многу почесто.
Личното име (името и презимето ) е лично право на граѓанинот. Граѓанинот има право да го промени личното име, односно само името или презимето. Како најчести причини за промената на личното име (најчесто презимето) се промена на презиме по основ на склучен брак, промена на презиме по основ на развод на брак и други лични причини – велат од МВР.
Граѓаните сведочат за бројни примери каде што наши сограѓани одлучиле да го променат своето лично име затоа што не им се допаѓало, а многу од нив го промениле името и заминале да живеат во странство.
Луѓе од различни возрасни групи, различни професии решиле да го променат своето име.
Во согласност со Законот за лично име, нема да му се одобри промена на личното име, односно само на името и презимето на лице против кое се води кривична постапка за кривично дело кое се гони по службена должност или на лице кое е осудено за такво кривично дело, додека казната не е извршена или додека траат правните последици на осудата. Истото важи и за лице за кое ќе се утврди дека барањето го поднело заради одбегнување на со закон утврдени обврски.