По дводневна расправа на собраниската Комисија за уставни прашања, поддршка за пристапување кон измените на Уставот завчера беше изгласана од десет пратеници на владејачкото мнозинство. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не го поддржаа предлогот на Владата и сите седум пратеници на оваа партија, членови на Комисијата, гласаа против.
На Комисијата беа донесени заклучоци за пристапување кон уставни измени и Владата во рок од 15 дена да изготви нацрт-аманадмани и да ги достави до Парламентот.
За понеделник во 11 часот е закажана пленарна седница на Собранието на која пратениците ќе расправаат по Предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Македонија. Потребата од пристапување кон уставни измени треба да биде изгласана од две третини од вкупниот број пратеници во Парламентот.
Во предлогот за измени на Уставот, кој Владата го утврди и соопшти во понеделникот, се предлага: Во целиот текст на Уставот пред Република Македонија се додава придавката северна; Измени во Преамбулата на Уставот со именување конкретни документи на АСНОМ заради усогласување со Договорот со Грција; Поцврста гаранција за трајноста на границите и дека Република Македонија нема територијални претензии и грижа за Македонците и дијаспората во странство што ќе значи дека Републиката ќе се грижи за културните, економските и социјалните права на нејзините припадници во странство без да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
На комисиската седница премиерот Зоран Заев повторно апелираше до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се изнајде консензус и единство за прашањето поврзано со влезот на државата во ЕУ и НАТО.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, во своите излагања кажуваа дека предлогот за пристапување кон уставни измени е непрецизен, нејасен, се злоупотребува волјата на граѓаните изразена со резултатите од референдумот, а дека владата брише се што е македонско.
Од тоа дали ќе бидат обезбедени две третини за поддршка за измени на Уставот, ќе зависи и дали претстојат нови предвремени парламентарни избори, кои би се организирале со скратени рокови.