Македонија 05. април 2020. / 07:27

Последен повик за македонските граѓани да се пријават за утрешниот лет од Лондон

Последен повик за македонските граѓани да се пријават за утрешниот лет од Лондон

По 14 дена минати во државниот карантин во текот на вчерашниот ден успешно го напуштија 160 македонски граѓани, кои беа вратени во земјава. Статистиката покажува дека во државен карантин се наоѓаат вкупно 2.099 лица, а утре треба да се реализира лет од Лондон до Скопје. За таа цел Министерството за надворешни работи ги информира сите македонски граѓани во Обединетото Кралство, кои планираат да се вратат во земјава со авионски превоз Лондон-Скопје организиран од Владата,  рокот за пријавување на повикот завршува денеска, 5 април до 10.00 часот.

Владата овој авионски превоз Лондон-Скопје го организира на 6 април 2020 (понеделник) во попладневните часови.

– Упатуваме последен повик до сите вас, македонски граѓани во Обединетото Кралство, посебно оние кои поради вонредно тешките околности насекаде, откажани летови и затворени граници, немаат начин како да се вратат дома, во татковината. Информираме дека Владата организира авионски превоз Лондон-Скопје на 6 април 2020 (понеделник) во попладневните часови. Рокот за пријавување на овој последен повик е до недела, 5 април до 10.00 часот – соопшти МНР на својот фејсбук профил.

Од Министерството посочуваат сите заинтересирани да ги достават податоците: име и презиме, број на македонски пасош, контакт телефон и мејл адреса и истите да ги испратат на мејлот од Амбасадата: [email protected].

Амбасадата може да ја контактираат на телефонскиот број 07917 684 668, а заинтересираните кои ќе се регистрираат преку оваа Амбасада, ќе бидат веднаш контактирани од Кризниот штаб во Министерството за надворешни работи.

-Граѓаните кои ќе се пријават на повикот, при влез во авионот ќе потпишат договор меѓу нив и Владата на Република Македонија во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата и ќе пополнат Изјава дека се согласни по пристигнување на територија на нашата земја да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена – соопшти македонската амбасада во Лондон.

Досега во земјава се вратени вкупно 2.207 македонски државјани,  покажуваат податоците на Министерството за надворешни работи кое го организира враќањето на наши граѓани затекнати во странство.

Како што објави МНР на фејсбук профилот, од 22 март до 4 април на Глобалниот контакт центар за конзуларни услугу во итни ситуации на Министерството се пријавиле 5.228 македонски граѓани од целиот свет кои сакаат со авион да се вратат во земјавата. Од нив 2.890 се согласиле да бидат сместени во државен карантин. Најголем дел од повиците – 93 проценти или 4.861 доаѓаат од Европа, а 272 повика се регистрирани од континентите вон Европа.

Со досега реализираните чартер – летови од Ла Валета, Загреб, Љубљана, Виена, Базел, Минхен, како и по два лета од Берлин и од Келн/Бон во земјата се вратиле 1.445 наши државјани. Преку три хуманитарни конвои со автобуси и автомобили од Црна Гора, Турција и Словенија обезбедено е враќање на 150 наши државјани. Со посредство на Австрија и Португалија во земјава се вратени и 11 македонски државјани од Перу.

МНР во соработка со странски претствништва кај нас, репатрираше и над 600 странски државјани меѓу кои и на Австрија, Австралија, САД, Франција, Хрватска, Црна Гора и Косово.

По избувнувањето на пандемијата со корона вирусот сите гранични премини на земјава беа затворени на 16 март,  а на 18 март беше затворен и Меѓународниот аеродром Скопје.