Здравствените власти без конкретен одговор кој и каква одговорност ќе понесе за скандалот во Катлановската бања, која со години работела без дозвола, како и за странските лекари кои нелегално работеле и лекувале пациенти, пренесе 24Вести.
Министерот Филипче вели допрва ќе се утврдува одговорноста и ќе се бара одговор на прашањето кој дозволил бањата да работи без дозвола и како Фондот одобрувал пари.
„Тоа го испитуваме сега како за оваа бања така и за сите бањи, тоа што сега го забележавме го санкциониравме на начин што се забрани таа дејност и ги упативме луѓето да ги завршат работите согласно законските регулативи. Како било до сега јас не можам да одговорам“, вели Венко Филипче – Министер за здравство
По неколкудневен молк денеска се огласија и од Фондот за здравство. Договорите со катлановска бања се согласно законските прописи и надлежности – велат оттаму.
Објаснуваат дека пред склучувањето на последниот договор во 2014-та година, Фондот го известил министерството за здравство за статусот и правото за вршење на здравствена дејност на бањата. Министерството им дало писмено одобрение да продолжат да склучуваат договори, со образложение дека бањата има дозвола за работа согласно стариот закон за здравствена заштита.
„Врз основа на писмено одобрение од страна на Министерството за здравство, од јануари 2014 година во кое се укажува дека Катлановска бања има решение за дозвола за работа, согласно стариот закон за здравствена заштита, Фондот за здравствено осигурување треба да продолжи да склучува договор со Катлановска бања се до обновување на нејзината дозвола за работа од страна на Министерството за здравство“ , – ФЗОМ
По решението за забрана на вршење на здравствена дејност на Катлановска бања, Фондот сега го ставил во мирување договорот склучен со Катлановска бања како и факсимилите на лекарите во електронскиот систем на Фондот.
Предистражна постапка за бањата во Катланова отвори и Финансиската полиција.
По вонредниот инспекциски надзор во Катланово, министерството за здаравство најавува контрола на работата и на сите други бањи во земјава.