Европската унија и нејзините лидери да ја одржат отворена перспективата за пристапување врз основа на строги и правични критериуми за пристапување во согласност со поединечните заслуги и постигнувања на секоја држава. Ваков повик упатија во заедничка Декларација поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски и поранешните претседатели на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Алфред Мојсиу и Реџеп Мејдани, на Хрватска Стипе Месиќ, на Словенија Данило Тирк, на Косово Фатмир Сејдиу, поранешните премиери на Хрватска Јадранка Косор и на Србија Мирко Цветковиќ, како и поранешниот претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина Златко Лагумџија.
Во Декларацијата што ја потпишаа во рамки на регионалната конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“ тие ја нагласија важноста да се задржи позитивната динамика во процесот на проширување, преку донесување стратешки одлуки во однос на сите земји кои се веќе во процес на преговарање.
Во овој контекс, од суштинска важност е да се донесе одлука за определување датум за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
– Натамошнто одложување на донесувањето на овие одлуки во современето геополитичко и геоекономско опкружување би можело да има особено негативно влијание врз развојот на настаните и на внатрешен план во самите држави, но и во целиот регион. – пишува во Декларацијата.
Ретроградните политики на поделби спротивни на регионалната соработка, кои им даваат поттик на изолационизмот, политиката на одвраќање, и кои се темел на популизам, за жал, не се само далечно историско минато и претставуваат сериозна закана за Западен Балкан.
– Ваквите идентитаристички политички идеи се чини дека повторно се стекнуваат со растечка глобална релевантност, заканувајќи се со тоа уште повеќе да го поткопаат концептот на споделени вредности и мултилатерализмот, демократските норми и индивидуалните права и слободи. – заклучија учесниците на денешната конференција.
Тие изразија подготвеност да дадат се од себе за да спречат Западен Балкан повторно да стане жртва на ретроградните идеи и трендови.
Во Декларацијата ги повикуваат ЕУ и сите релевантни меѓународни актери кои го промовираат мултилатерализамот, да ги поддржат нивните напори, да ги увидат предизвиците, и да помогнат да се одбрани европскиот наратив на проширување и интеграција и тоа, не само преку бирократските норми на пренесување на европското законодавство, туку и со храбри и далекусежни политички одлуки.