Македонија 13. јули 2018. / 12:12

Поради соучество во кршењето на демократското право на македонскиот народ и граѓаните, денес протестен марш до МВР

Поради соучество во кршењето на демократското право на македонскиот народ и граѓаните, денес протестен марш до МВР
Monument Makedonski braniteli

Денес по 12 часот, од Кампусот на бранителите, пред Собранието ќе започне протестен марш до МВР, поради, како што се наведува, „кршење на демократското право на македонскиот народ и граѓаните, со рушење, од страна на полицијата (трипати по ред), на најавените народно-творечки барикади со блокади“.

Организатори на протестниот марш се здружението на граѓани Граѓанска иницијатива за здраво, достоинствено и возвишено живеење „Преродба“, движењето „Македонска преродба“, Движењето за цивилизациски вредности и други здруженија.

Тие од МВР бараат да не ги попречуваат народните собири, дебати, протести со барикади и блокади против договорот со Грција за промена на името, како и да им бидат вратени сите предмети што им биле одземени.

Со оглед на тоа дека се работи за мирољубив, достоинствен, народен цивилизиран собир, организаторите упатуваат апел до граѓаните своето народно, граѓанско и цивилизациско право да го изразат достоинствено, творечки, цивилизирано и секој граѓанин учесник во овој народен собир, кој е од негово и во негово име, да биде совесен, одговорен за себе и за другите.