Поради пандемијата на Ковид-19, годинава првпат нема да има одење на аџилак на цжверници од Македонија.
Не само од Македонија, туку од цел свет никој нема да оди на аџилак. Единствено 1.000 до 10.000 верници од Саудиска Арабија годинава ќе го извршат хаџот – вели за МИА, Ирсал Јакупи од Исламската верска заедница.
И дебарскиот муфтија Решат Качалнику, потврдува дека поради познатите состојби со Ковид-19 нема да заминат на аџилак верници од дебарското муфтиство, како и од другите муфтиства.
Нашето муфтиство ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово Ростуше. Од ова подрачје лани во светите места Мека и Медина, каде се реализира петтиот столб на исламот-аџилакот беа 36 верници, што беше за 10 верници повеќе споредно со претходната година – вели Качалнику.
Од Македонија лани на аџилак заминале 850 верници или 178 верници повеќе од претходната година. Меѓу нив најмалиот верник бил на петгодишна, додека највозрасниот на 82-годишна возраст.
Од земјите на западен Балкан во светите муслимански места Мека и Медина, лани биле 4.100 верници, од кои најголем број од Босна и Херцеговина, околу 1.680 и Косово 1.100 верници. Од Албанија околу 400, од Србија околу 250, од Црна Гора над 50 и од Хрватска 15 верници.
Првиот ден од големиот муслимански празник Курбан Бајрам, се паѓа на 31 јули (петок). Празникот се слави четири дена. Првиот ден верниците, кои тоа може да си го дозволат принесуваат курбан, главно овен, по што месото го разделуваат на посиромашни семејства.