Македонија 28. јули 2018. / 16:09

Понеделник 30 јули, судбоносниот ден за референдумот

Понеделник 30 јули, судбоносниот ден за референдумот

Собраниското мнозинство веќе ја  подготви одлуката за распишување на референдумот. Извори во парламентот велат дека ќе се чека уште  денеска и утре на договорот меѓу двајцата лидери Заев и Мицкоски за референдумското прашање.

Во спротивно потврдуваат дека одлуката на референдумот ќе се најде на понеделничката седница со референдумско прашање кое премиерот Заев во јавноста веќе го соопшти – Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на договорот за името меѓу Македонија и Грција.  Очекуваат поддршка и од опозициските Беса и Алијансата за Албанците.ВМРО ДПМНЕ и денеска остануваат на ставот  дека сакаат референдумското прашање  да биде едносмислено.

Во меѓувреме власта и опозицијата во пресрет на евентуалниот договор за прашањето кое ќе биде поставено на референдумот, со тешки обвинувања меѓу себе. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност  од СДСМ за како што пишува во нивното партиско соопштение – општиот грабеж. Побара оставки од функционерите вплеткани во скандалите со 45 милиони евра.

Заев се откажа од името, јазикот, историјата, идентитетот и македонското малцинство во соседството само за да си го отвори патот за себе и своите сопартијци за богатење врз грбот на граѓаните. Заев и СДСМ се откажаа од македонизмот само за да можат тој и неговата багра да ги бројат милионите на своите сметки спечалени на товар на државата. Правдата ќе ја вратиме стои во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Според СДСМ пак ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски упорно одбиваат со црни сценарија да го поддржат успехот на Македонија и упорно се обидуваат да ја закочат македонската иднина.  ВМРО-ДПМНЕ може да ги врати само парите од 11 годишниот грабеж, бидејќи правдата е одамна вратена и оти амнестија нема да има, пишува во партиското соопштение на СДСМ .

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ воопшто да не се грижи, правдата е вратена, одговараат сите што го прекршиле законот, а парите се враќаат назад во буџетот. Доказ за тоа е пресудата против поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, како и пресудата против бизнис партнерот на Груевски, Сеад Кочан кој ќе врати незаконски стекнати 17 милиони евра назад во буџетот, стои во соопштението на СДСМ.