Македонија 26. февруари 2020. / 13:39

Положено цвеќе за 16-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски

Положено цвеќе за 16-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски

Во рамки на одбележувањето на 16-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски и членовите на неговата делегација во авионската несреќа крај Мостар, делегации од Кабинетот на шефот на државата денеска положија цвеќе на гробот на претседателот Трајковски на гробиштата „Бутел“ во Скопје.

На Градските гробишта Бутел во Скопје венец со свежо цвеќе на гробот на претседателот Трајковски положи и делегација на Владата предводена од министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, заедно со министерот за образование и наука Арбер Адеми и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.

На споменикот на поранешниот претседател Борис Трајковски во Струмица, свежо цвеќе положи владина делегација во состав Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, Елизабета Наумовска, заменичка министерка за образование и наука, и Кирил Парталов, државен секретар во Министерството за локална самоуправа.

Цвеќе беше положено и на вечните почивалишта на Димка Илкова – Бошковиќ, Ристе Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски на гробиштата „Бутел“ во Скопје, како и на вечното почивалиште на Анита Кришан Лозановска на гробиштата во Велес.

Делегации на Кабинетот денеска положија цвеќе и на спомен-обележјето на местото на несреќата во Ротимље, во близина на Мостар, како и на споменикот „Македонија“ во градскиот парк во Струмица.