Владата го определи моделот на координативното тело за пристапните преговори со ЕУ. Советот ќе се состои од релевантни министерства на чело со политичкиот преговарач, Бујар Османи. Инаку, тоа ќе биде познато како државна делегација за пристапни преговори. Во рамките на ова тело ќе функционира и преговарачкиот тим предводен од техничкиот преговарач, група која ќе се состои од работни групи ангажирани од секоја институција за секое отворено поглавје.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи признава дека процесот е тежок, но е оптимист оти Владата ќе успее.
“Тоа ќе биде една од најкомплексните операции што е спроведена од страна на некоја влада и многу е скапа. Владата е подготвена да ги преземе сите механизми за да овозможи инклузивен процес. Ова не е само владин процес, туку треба да бидат вклучени сите, секој граѓанин поединечно треба да биде вклучен. Тоа не е технички процес за пополнување на квадратчиња на хартија, туку е процес за трансформација на општеството. Не се сомневам дека ќе успееме, но ќе биде тежок процес”, рече Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања .
Покрај експертите, академската заедница и невладините организации, дел од преговорите се повикува да биде и опозицијата.
“Опозицијата се повикува да биде вклучена во секоја фаза од овој процес. Ова не е единствената задача на оваа Влада, туку тоа е определба на генерациите кои го сакаат членството. Ние само ја носиме штафетата од една влада до друга. Договорот со ЕУ е на граѓаните, а ние сме привремени спроведувачи на граѓанската агенда“, додава Османи.
Додека Македонија ги спроведува трите процеси како “скринингот” или проценка, примарните реформи и имплементацијата на договорот со Грција, во меѓувреме треба да се случат уште три други процеси, како што се референдумот, планираните уставни измени и претседателските избори на пролет.