Миризба на дрво и на хартија место на чадот што ја пеплоса историјата, книжевноста, духовноста. Злите огнени јазици во 2009 година уништија дел од еден од најубавите македонски манастири „Св. Јован Бигорски“, кој претставувал најголем културен центар. Делумно настрада и историската библиотека во самиот манастир.
За неа во архивите стои дека до 1968 година во неа имало 10 драгоцени словенски ракописи. Во пожарот во септември 2009 година комплетно изгоре дел од фонд на книги. За среќа настрадаа книги кои не се уникатни. Во библиотеката има дела создавани и собирани со децении, а поинтензивно од 1995 година, кога во манастирот на служба пристигна и Партениј, игумен на овој верски храм.
Жална беше сликата од манастирот во наредните неколку години по пожарот. Денеска, нешто повеќе од четири години од денот кога беше уништен дел од комплексот, таа слика е променета. Библиотеката е едно од главните духовни катчиња на манастирот, кој го враќа својот стар сјај. Стотина луѓе под водство на игуменот Партениј секој ден се грижат за целосно обновување на деловите што изгореа во стравотниот пожар.
Столбовите и таваните се во духот на преродбата од 19 век, користена е италијанска интарзија. Една од најстарата и ретки книги е оригиналот на „Армотолос“ или „Сердарот“ од Григор Прличев.
Верниците постојано донираат книги за библиотеката. Семејството Константинови од Битола му подари на манастирот дел од својата приватна библиотека со 55.000 книги и монографии собирани седумдесетина години. На десетина монаси и на донаторите им беше потребен цел ден за да ја растоварат, распакуваат и наредат оваа вредна литература од речиси сите области: историја, теологија, етнологија, филозофија, историја на уметноста, психологија, антропологија, медицина, лингвистика.
Донираше Друштвото на писатели, донираше издавачката куќа „Макавеј“, донираше „Матица“. Придонес даде и бугарскиот амбасадор во Република Македонија, Ангел Ангелов, кој ја збогати библиотеката со стотина духовни изданија од поновата едиција. Дел од подарените книги беа и изданија на духовни книги печатени пред повеќе од еден век.