Универзална сала ќе се реконструира во постојната големина и со постојниот изглед. Град Скопје со ребалансот на државниот буџет кој е во собраниска процедура и се очекува да биде изгласан во наредните денови, доби 2 милиони евра за реконструкција на концертната сала. Веднаш по префрлањето на парите на наменска сметка, ќе се распише тендер за изведувач и кон крајот на годинава ќе стартуваат градежните работи, пишува СДК.МК.
Градоначалникот Петре Шилегов вели дека со реконструкцијата Универзална сала ќе ја задржи својата автентичност.
-Нема да се врши доградување, ниту надградување бидејќи од Асоцијацијата на архтекти на Македонија кажаа дека на постојната локација поголем објект не може и не смее да има. Ќе се реновира внатрешноста и надворешноста на објектот и наесен догодина ќе биде спремен за концертнатата сезона – вели градоначалникот Петре Шилегов.
Летово, Град Скопје распиша конкурс за идејно решение за парк на местото на Универзална сала, а нова концертна сала беше предложено да се гради на нова локација. Тогаш Шилегов кажа дека на овој простор, според мислењето на стручната фела, нема услови за градење на поголема сала, а дека на Скопје му треба вистинска концертна сала. Како нова локација тој ги посочи оранжериите на ЈП „Паркови и зеленило“.
Ваквата идеја на Шилегов предизвика голем број реакции во јавноста кои беа против уривање на концертната сала бидејќи e симбол на Скопје. Потоа, Шилегов кажа дека за него најсоодвентно решение е постојниот објект да се реконструира, а нов репрезентативен објект да се гради на нова локација.
-Првиот дел е завршен, Универзална сала реконструирана ќе ја вратиме на скопјани. Во исто време, ги продолжуваме разговорите со Министерството за култура за изградба на нова концертна сала во Скопје и буџетирање на средства за оваа намена – додава Шилегов.