Собранието денеска, на седмата седница, почна јавна расправа за Нацрт-концепцијата за основно образование организирана од матичната Комисија за образование, наука и спорт.
На седницата присуствуваат премиерот Зоран Заев, министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници на Владата, МОН и од органите во негов состав, од државни образовни институции, професори од педагошките факултети, директори и наставници од основни училишта, од МАНУ, невладини и меѓународни организации…
Јавната расправа се организира откако заврши рокот (20 јануари) за праќање по електронска пошта до МОН, до кое стигнале 30-ина предлози за нацрт-концепцијата, потоа имало и дополнителни и сите, според ресорното Министерство, се разгледани и ќе бидат прифатени конструктивните.
Министерката Царовска во изјава за медиумите завчера рече дека на расправата ќе се сублимират сите ставови, ќе се изнесат забелешките и сугестиите кои стигнале до МОН за да се утврди што е конструктивно и прифатливо и да се унапреди концепцијата.
– На дебатата ќе се искажат можеби спротивставени ставови и ќе излеземе во јавност што конечно е прифатливо, што не е од забелешките, и мислам дека заеднички ќе донесеме став по ова прашање. Понатаму веќе влегуваме во фаза на усвојување и подготовка на наставните програми коишто се најзначајни, затоа што концепцијата е само прв чекор, истакна Царовска во средата.
Нацрт-концепцијата за основно образование (документ од 48 страници), за која надлежните тврдат дека предвидува издржани реформи што водат кон поквалитетно образование, во изминатите два месеца, откако беше јавно презентирана, предизвика реакции од институции и здруженија кои сметаат дека треба да се подготви нова низ долготраен процес и преку сериозна стручна и академска расправа.
Во меѓувреме, МОН организираше широк консултативен дијалог, со сите засегнати страни, со цел да се расчистат дилемите и стравувањата за укинување наставни предмети и намалување на бројот на вработени.
Реформата со новата концепција предвидува нов наставен план, според кој во основните училишта ќе има осум или девет задолжителни предмети и поголем број изборни, во две групи – мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски или босански јазик) и математика, англиски јазик, природни науки (кој ќе опфати содржини од биологија, физичка географија, хемија и физика) и општествени науки (со содржини од историја, општествена географија, граѓанско образование, религии, етика…) Во втората група задолжитени се планира да бидат предмети кои покриваат уметничко образование, физичко образование и техничко-технолошко-информатичко образование.