Македонија 12. април 2018. / 15:58

Почна сезоната на алергии на полен, секое трето лице страда од поленска алергија

Почна сезоната на алергии на полен, секое трето лице страда од поленска алергија

По десетина нови пациенти неделно со алергија на полен бараат помош на Клиниката за пулмологија и алергологија.

Цветањето на дрвјата и тревата кај некои граѓани предизвикале потешки компликации и биле  задржани на болничко лекување.

Според алерголозите токму алергискиот ринитис, ако не се открие и третира навреме може да предизвика астма.

-Ние во последно време имаме пациенти кои веќе имаат астма  и се наоѓа врската дека се почнало од алергискиот ринитис. Да, имаме тешки случаи со тешки опструкции, со големо намалување на белодробната функција, со тешко дишење, свирење во градите и тие се задржуваат во болница се додека не дојде до стабилизирање на нивната здравствена состојба, изјави проф. д-р Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија.

Сомневањата на лекарите се дека секој трет македонски граѓанин е алергичен на полен, но не се сите дијагностицирани.

-Статистичките предвидувања се дека 25 до 30 проценти од популацијата во Македонија, но бројот на дијагностицирани е многу помал, додаде д-р Докиќ.

Професорот Докиќ советува граѓаните кои веќе имаат потврдена алергија две недели пред да почнат да цветаат дрвјата и тревата да почнат со терапијата, а сите кои имаат често кивање, печење во очите и секрети во носот да се јават на лекар зошто поленот може да им прави проблеми цело лето.