Националната галерија соопшти дека денес почина сликарот Александар Ристески – Шулц.
Роден е во 1937 година во Прилеп. Дипломски и магистерски студии завршил на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1962 година. Својата прва изложба ја имал во 1958 година, а додека во 1965 година, првата самостојна изложба ја претставил во Скопје, а во странство изложувал во Италија (Рим, Торино, Бари), Франција и Бугарија. Учествувал на повеќе групни изложби во Прилеп, Скопје, Белград, Риека и Словенградец. Со сликарите на УЛУС (Удружење ликовних уметника Србије) изложувал до 1963 година, а учествувал со свои дела на речиси сите изложби на ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија).
Како стипендист на Фондот „Моша Пијаде“ престојувал во Италија и Франција, а студиски престојувал во Грција, Бугарија и Русија. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 1960 година, а долго години работел и како професор во Училиштето за применета уметност во Скопје. Автор е на неколку монументални дела (ѕидни слики) во Прилеп (мозаик, Пошта), Куманово (Пошта), Стопанска банка Скопје и Народен театар во Струмица. Добитник е на повеќе награди и признанија за сликарството.
Изработува енформелски, асоцијативни композиции, со мотиви од традицијата, убавините на Македонија, а посебно од родното прилепско поднебје, во различни техники (масло на платно и панел, цртежи, графика).
Пејзажот на македонското поднебје е неисцрпна инспирација во делата на Александар Ристески, конкретно пејзажот кој е расцепкан, трнлив, измачен, но во исто време силовит и снажен. Тој е еден од најдоследните претставници на апстрактниот израз кај нас, при што од негов особен интерес е односот на формите и бојата.
Во делата од 60-те години на ХХ век па навака се чувствува благ развој во користењето на бојата во креирањето на делото. Авторот користи изразен загасит колорит кој ги структиура и создава формите кои, од своја страна, пак, се со одлучни контури, најчесто базирани врз играта на различните земјени нијанси, чиј распон се движи од темно кафена, темно и светло окер па се до бела боја, со што ја покажува сликарската умешност за експресивно претставување на атмосферата на поднебјето преку неколку нијанси. Одредените елементи од природата се вклопени во една географска пространост каде формата наликува на стратиграфијата на неправилни меѓи на македонската почва. Творештвото на Александар Ристески е препознатливо според неговата панорамска визија која во себе содржи, но и рефлектира чувства кои зазвучуваат на патинирани носталнични записи.