Дали Катица Јанева примила пари за да спречи кривична постапка против Адријан Амзоски, управителот на „ТД ФИНЕ“, компанијата која го градеше „Космос“ на Фијат Цаноски? Сомнежи за вакво нешто постојат кај одбраната во случајот „ТНТ“ на Специјалното обвинителство, поради што побарано е изземање од овој предмет на шефицата на СЈО.
Поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, кој е обвинет за рушењето на „Космос“ денеска изјави дека Јанева стопирала кривична постапка против Амзоски, за тој подоцна да донира нешто повеќе од 250.000 евра во невладината Меѓународен сојуз на осомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски алијас Боки 13.
Ова потпишување на овој договор заеднички следи само два месеци после повлекување на обвинителниот акт и започнатата кривична постапка во Основниот суд Скопје 1 против лицето Ардијан Амзоски. Ова повлекување лично го направила Катица Јанева, изјави Трајковски.
Покрај изземање на Јанева, одраната побара и стопирање на судскиот процес за случајот „ТНТ“, што беше одбиено од страна на судијата Огнен Ставрев. Според адвокатот Звонко Давидовиќ тој донел правилна одлука, бидејќи против Катица Јанева се уште нема кривична постапка, која би можела да влијае врз предметот.
Иако најповикана од сите обвинители во случајот „Рекет“, шефицата на СЈО се уште не била во Обвинителството за организиран криминал и корупција да даде исказ. Токму неажурноста на Русковска и колегите е она што загрижува, порачува Давидовиќ во разговор за Алфа. Велејќи и дека според праксата од минатото Јанева веќе би била во притвор бидејќи би можела да влијае врз сведоци, како и да уништува доказна постапка.
Она што загрижува е спороста на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, каде што премногу долго трае постапката. Можам да кажам дека е многу чудно и дека досегашното искуство покажуваше дека при ваква вмешаност дури и притвор ќе се определеше, Обвинителството ќе одеше со предлог за определување на мерка притвор, изјави Давидовиќ.
Јанева е потписник на сите предмети кои ги води СЈО, па според Давидовиќ можно е сега и другите обвинети да побараат нејзино изземање, но тоа во овој момент, додека нема евентуална кривична постапка против неа е невозможно, бидејќи во обвинителската хиерархија нема никој над неа, кој би ја изземал од предметите.
Правило е дека за јавниот обвинител решава непосредно повисокиот јавен обвинител, над Катица не постои јавен обвинител. Таа за своето работење според законот одговара пред Собранието и Советот на јавни обвинители, но они не решаваат за изземање на специјалниот јавен обвинител, изјави Давидовиќ.
Инаку, сомнежите дека Јанева има поврзаност со случајот „Рекет“ се појавија откако нејзиниот глас се слушна во разговорите објавени во италијанскиот весник „Ла Верита“, таму таа му гарантира на бизнисменот Орце Камчев дека работите ќе одат според договоренот и дека се ќе биде во ред.
Поради сомнежите кои во јавноста се појавија за нејзина вмешаност во случајот „Рекет“, одбраната во случајот „ТНТ“ денеска побара изземање на Катица Јанева од овој предмет. Инаку, Катица Јанева официјално е застапник на сите предмети на СЈО, сега се поставува прашањето што ќе биде со тие предмети во иднина.