Македонија 22. јули 2020. / 10:48

По подолго време, во минатите 24 часа немало ниту еден починат пациент со Ковид-19

По подолго време, во минатите 24 часа немало ниту еден починат пациент со Ковид-19

По подолг период во земјава, во извештајот на Министерството за здравство за  инатите 24 часа не е регистриран случај на починат пациент заболен од Ковид-19. Министерството објави информација за нови 163 случаи и 69 оздравени пациенти со што вкупната бројка на Ковид дијагностицирани се искачи на 9.412, а на оздравени на 4.940 лица. Бројката на починати засега останува на 432.

Статистиката на Институтот за јавно здравје покажа дека во периодот од 13 до 19 јули се бележи намалување на бројот на новозаболени и оздравени лица, а се зголемува бројот на починати лица во однос на претходната недела.

Новозаболени се регистрирани во 26 града, а најмногу има во Скопје (39,9 отсто) и во Штип (14,4 отсто). Во 17 града, пак, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Она што е интересно е дека има промена во старосната структура на новозаболени, односно најголем процент заболени се на возраст од 40 до 49 години, а потоа следуваат лицата постари над 50 и 60 години.

Институтот за јавно здравје бележи и намалување за два отсто на бројот на хоспитализирани пациенти во однос на претходната недела, додека кај 275 лица или кај 29,5 отсто регистрирано е присуство на коморбидитети, што е за два отсто повеќе од претходната недела.

Во периодот од 13 до 19 јули регистрирани се 545 оздравени лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 472 лица помалку од периодот од 6 до 12 јули. Пред ова намалување, три недели бројот на оздравени лица бележел раст за околу 40 отсто на неделно ниво.