По бројните забави во „Аватар“ спротивни на прописите на Комисија за заразни болести Струмица стана најголемо жариште на КОВИД-19 во Македонија. Последниве 10-15 дена една од најсериозните кандидати за воведување на поригорозни мерки е токму општината Струмица. Град со околу 50.000 жители според податоци на министерство за здравство во моментов дури има над 260 активни случаи. Само на 9-ти октомври оваа општина имаше алармантна бројка од 44 новозаболени од вирусот. За само пет дена бројката на новозаболени изнесува стотина што алармира дека ситуацијата е загрижувачка. Ако се зеде во предвид дека изминативе неколку месеци Струмица имаше најмалку заболени од корона во Македонија, за пример е и периодот од 30 јуни до 4 јули оваа општина броела само двајца новозаболени.
ВКЛУЧЕН АЛАРМ
Најзагрижувачка состојба е во Струмичката болница кај што секоја секунда се полни со пациенти позитивни на КОВИД-19, а на Инфективното одделение подолго време нема место. Дополнителниот простор кој беше отворен пред една недела е наполнет. Поради оваа ситуација уште неколку простории во амбулантите од општата болница се адаптираат за пациенти заразени од КОВИД – 19. Но недостатокот на простор не е единствен проблем со кој се соочува Струмица. Проблем претставува и недостатокот на здравствен персонал. Проблемот кулмунираше откако пред недела дена двајца доктори и три медицински сестри се заразија со корона вирусот.
-Немаме доволно доктори, немаме сестри кои што ќе ја покриваат работата во овој оддел на Инфективно одделение. Бевме во контакт со заменик министерот за здравство и со него постигнавме договор за помош за доктори како и за медицински сестри, за да се пополни празнината и за да се помогне во лекувањето на заразените пациенти. Ситуацијата во која што се наоѓа стримичката болница е неиздржлива, изјави директорот на струмичката болница, Наќе Гогов за централен дневник пред неколку дена на телевизија Сител.
Директорот Гогов очекува дека деновиве ќе пристигне здравствен персонал од внатрешноста на Македонија кој ќе помогне на болницата, бидејќи моменталната состојба во која што се наоѓа Струмица е алармантна.
Во болницата во Струмица се лекуваат полесни случаи на заразени од КОВИД-19, а пациенти со потешка клиничка слика се упатуваат во Скопје и Штип.
ЕКСПЛОЗИЈА
Власта и надлежните институции потфрлија со случајот „Аватар“. Дискотеката односно кафе барот „Аватар“ и по бројните апели и реакции на граѓаните не се затвори, секоја вечер се правеа забави спротивни по прописите на Комисија за заразни болести.
Иако според информациите на одредени медиуми зад „Аватар“ стоеше роднина на премиерот Зоран Заев, но зошто институциите не реагираа на време, остана недоговорено.
-Дента кога во Македонија броевме 241 новозаразени од коронавирус и 8 мртви дискотеки во Струмица во сопственост на другарите на Заев се преполни со народ. Без маски, без дистанца, без никаква заштита, реагираше уште на самиот почеток опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
-Нема друга препорака освен придржување на препораките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, односно тоа се три работи: заштита на лицето, држење дистанца и придржување кон хигиенските мерки, изјави пред неколку дена за медиуми директорот на Центарот за јавно здравје Струмица Петре Витанов.
Тој додава дека во последната недела е зголемена старосната структура на новоинфицираните за разлика од претходно, кога поголем дел беа на возраст од 15 до 30 години.
-Сега имаме заболени на возраст од 60, 70 години и сега структурата е промената и се движи од 15 до 70 години. По наши процени, овие млади луѓе, кои на некој начин се инфицираа, сега инфекцијата ја пренесуваат на своите домашни и имаме многу податоци за мали кластери од семеен тип, потенцираше Витанов.
Но по очигледната ситуација законите во државата не важат за сите, луѓето кои што се блиски до премиерот Зоран Заев или пак до власта можат да прават што сакаат без да одговараат пред истите закони.