Македонија 01. март 2021. / 12:47

Петровска ги повика граѓаните активно да се вклучат во пописот

Петровска ги повика граѓаните активно да се вклучат во пописот

Денеска започнува попишувањето на одделни категории на лица онака како што е предвидено во методологијата, рече пратеничката и дополнителен заменик министер за внатрешни работи Славјанка Петровска на денешната прес-конференција.

„По скоро 19 години, државата спроведува попис согласно сите меѓународни стандарди и пракси на Евростат и Обединетите Нации. Од денеска ќе се попишуваат лицата кои за време на пописот се наоѓаат во странство, во служба на Армијата, во казнено- поправни и воспитно-поправни установи, лицата кои се на служба во дипломатско-конзуларните претставништва на нашата земја и членовите на нивните семејства кои престојуваат со нив, како и бездомните лица“, посочи Петровска.

Истовремено, додаде таа, од денеска па до 21 април ќе се спроведе и самопопишување на дијаспората кое ќе се одвива електронски, преку веб страницата на Државниот завод за статистика.

„Пописот е најважната и најголемата статистичка операција со која ќе се обезбедат податоци кои ја даваат основата за креирање ефикасни јавни политики кои обезбедуваат економски раст и развој, искоренување на сиромаштијата, зголемување на еднаквоста меѓу граѓаните, рамномерен регионален раст и поголема заштита на животната средина. Веќе се усвоени и здравствените протоколи што значи дека процесот на попишување ќе се спроведе со максимална заштита на здравјето на граѓаните и на попишувачите“, рече Петровска.

Пратеничката појасни дека Законот за попис и методологијата за негово спроведување се во согласност сите меѓународни стандарди кои се практикуваат низ целиот свет и тоа е потврдено и од Евростат.

„Паѓаат во вода обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека Законот бил лош и неевропски, дека методологијата не била соодветна и слично. Собирањето на потписи за наводно одложување на пописот е само лош и неумесен партиски маркетинг. Апелираме, граѓаните да не подлегнуваат под лажните вести на ВМРО-ДПМНЕ и активно да се вклучат во пописот. Со учеството во пописот секој граѓанин ќе даде свој личен придонес кон подобра иднина за сите нас. Тоа е наша обврска кон државата, но и кон нас самите и кон нашата иднина“, рече Петровска.