Според информациите на МВР, во Сирија сѐ уште има 15 активни борци во ИСИС од Македонија.
Безбедносната ситуација е мирна и нема терористички закани за Македонија. Можностите од такво загрозување постојат како и секаде, но нема индикатори во моментов за таква закана, проценуваат безбедносните служби во земјава.
Неофицијално, вкупниот број на лица кои заминале во Сирија, се вратиле, биле логистика, идеолози или загинале е 156. Од нив повратници се 83. Во затвор во Турција има три лица, во македонските затвори 23, а 57 се на слобода. На боиштата за Исламската држава загинале 35 македонски државјани. На боиштата во Сирија заминале и 9 жени од Македонија кои таму родиле и деца.
По измените на законот, интересот на македонските државјани за војување во Сирија драстично се намалил, но сепак некои се одлучувале да заминат.
Во вторникот од Сирија беа донесени 7 војници на ИСИС од Македонија. Како што соопштија од МВР, за петмина од нив веќе имало потерница.
Потврдуваат дека тие биле заробени од страна на Сириските демократски сили, кои се борат и против ИСИС и против режимот на Асад, а потоа предадени на Меѓународната коалиција предводена од САД. Во земјава биле донесени со авион на држава ченка на Коалицијата, а веднаш по стапнувањето на македонска територија биле уапсени.