По точно пет месеци откога во земјава беше регистриран првиот случај на Ковид-19 – на 26 февруари кај жена која допатува од Италија, епидемијата досега зафати 9.934 луѓе. Од нив, 460 пациенти починаа, излекувани се 5.357, а активно болни се 4.117.
Последниот месец беа негативните рекорди на заразени и починати од почетокот на епидемијата. Бројот на новодијагностицирани во 24 часа двапати надмина 200 – на 10 јули беше 205 и на 18 јули – 241. На 2 јули починаа 15 пациенти – најголем број во едно деноноќие.
Заклучно со вчера во Македонија се направени вкупно 94.092 тестирања. Во оваа бројка се опфатени и потврдените 137 случаи од 1.542 тестирања во минатото деноноќие. Шеесет од нив се во Скопје, 16 во Штип, 13 во Куманово,11 во Гостивар, седум во Тетово, по пет во Кичево, Дебар и Битола, три во Прилеп, Велес и Свети Николе и по еден нов случај во Струга, Охрид, Кочани, Пробиштип, Демир Хисар и Виница.
Во светот до вчера заразени со КОВИД-19 се 15 736 499 луѓе, според евиденцијата на Универзитетот „Џонс Хопкинс“. Бројот на оздравени надмина девет милиони (9 043 203), а жртви на пандемијата, според статистиката на Универзитетот, се 639 652 луѓе.