Се ужаснувам од тоталната негрижа на власта спрема еден национален уметник кој со сета своја почит имотот и го довери на својата држава, реагира Жаклина Пешевска.
–Испустениот и ограбен музеј на нашата легендарна Есма е само една сликичка во мозаикот кој сведочи за односот на државата спрема она во што треба да се крстиме.
Жално е да се гледа тагата во очите на Симеон Атанасов – штитеникот на Есма, како и сомнежот дека можеби сè е ограбено и однесено. Симеон сака само да си го исполни аманетот спрема луѓето кои го одгледале и му го трасирале животниот пат.
Но, иако Министерството за култура е тестаментален наследник, државата веќе четири години не води никаква грижа и дозволува куќата на Теодосиевски да се распаѓа пред очите на јавноста.
Македонскиот народ живее со песна и знае да почитува. Нашата национална уметничка Есма заслужува сечија почит и достоинствен спомен. Затоа апелираме МВР да се заинтересира за случајот и на семејството да му ги даде одговорите кои ги заслужува: каде е урната на Стево и каде е вредниот мебел кој исчезнал од домот на Теодосиевски – напиша таа.