Претседателот на Република Македонија во обраќање на специјалнатата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, истакна дека секој човек во светот треба да има лесен пристап до здравствените производи и вакцината прототив Ковид-19.
-Здравствените производи со сертифициран квалитет треба да бидат достапни за сите, изјави Пендаровски.
Тој оцени дека голем чекор во вистинска насока е воспоставувањето на глобалната програма КОВАКС за набавка на вакцини, која треба да овозможи лесен и балансиран пристап до вакцините на сите луѓе во светот.
Претседателот Пендаровски се заблагодари на Обединетите нации и Светската здравствена организација за лидерството во координирањето на напорите на глобално ниво за контрола и спречување на ширењето на ковид-19, како и на сите земји и организации кои ни дадоа поддршка со медицинска опрема и материјали, како и споделување на знаење и искуство.
-Пандемијата како системска закана бара системски одговор, порача претседателот и додаде дека треба заедно да продолжиме да работиме во создавањето на издржливи, добро управувани, одговорни, отчетни здравствени системи кои им служат на граѓаните.
Говорејќи за ситуацијата во Македонија со корона-кризата, Пендаровски рече дека пандемијата го зела својот данок во човечки животи, извршила притисок врз здравствениот сектор и ја ослабела економијата.
– Владата неодамна прогласи кризна состојба на целата територија на Република с. Македонија за период од 30 дена. На овој начин ќе се помогне да се искористат капацитетите на Армијата и ресурсите на приватниот здравствен сектор со цел поефикасно да се контролира ширењето на вирусот и да се спасат што е можно повеќе човечки животи – рече Пендаровски.
Тој додаде дека економијата може да страда, но животите на луѓето се бесценети, па затоа спасувањето човечки животи треба да има предност пред сè друго.
.